Во натпреварот во Битола, во осмото коло од Првата кошаркарска лига, екипата на Пелистер во крајно драматичен натпревар во совлада фаворитот во дербити МЗТ Скопје, со три поени разлика, но сосема заслужено. Со оваа победа во Битола, на свој терен, но за жал без публика, Пелистер, е сеуште единствена не поразена екипа во лигата, со учинок осум од осум.
Тренерот на Пелистер, Марјан Илиевски, по оваа вредна победа на неговите избраници, им упати честититки за играта, карактерот, победата…, а по натпреварот рече:
-Можам овој натпревар да го наречам – невозможна мисија. После натпреварот во Гевгелија, продолжувањето и патувањето, беше невозможно да се подготвиме како сакавме. Но, мора да кажам дека кошаркарите на Пелистер со чест го носат дресот на клубот и тоа го покажаа и вечерва. Се надевам дека ова ќе биде пример како се игра и како се сака својот клуб, без разлика на условите во кои се наоѓавме овие два дена. Му излеговме во пресрет на МЗТ Скопје со поместувањето на терминот, во нивна корист, а на наша штета. Покажавме карактер и ова е уште еден доказ дека сме екипа која може да игра под секакви услови и заслужено победивме.
Илиевски по осум победи од осум натпревари не сака Пелистер овој момент да ја презема улогата на фаворит и вели:
-Не сакам да бидеме фаворити сега, а нашите цели се од натпревар по натпревар да имаме подобрување на тимските перформанси. Никогаш не сакам да претендирам за одредени позиции. И условно аутсајдерите можат секого да изненадат. Сите екипи се со променети ростери и секој натпревар ќе има префикс дерби. Би сакал вака да продолжиме. Оваа екипа има хемија и може да го покрие секој слаб ден на одреден кошаркар.
Пелистер продолжува со збиениот календат среда-сабота, а веќе в среда гостува во Скопје кај ТФТ Скопје, а следниот викенд во Битола доаѓа Кожув.






