Денес во Битола, во клубските простории на РК Еурофарм Пелистер, тренерот Жељко Бабиќ го стави потписот на новиот договор со важност до јуни 2024 година. РК Еурофарм Пелистер и хрватскиот тренер се на иста бранова должина и заеднички ќе ја продолжат надградбата на проектот.
По потпишувањето на тригодишниот договор, Жељко Бабич рече:
-Уште на почетокот на нашиот разговор со професорот Стерјев, ја планиравме иднината и уште тогаш сакавме договор на подолг период. Уште тогаш бевме многу професионални и си дадовме време да видиме како ќе се снајдам во новата средина и клубот да ги види моите спосособности и дали со мојот профил одговарам за оваа средина. Јас сум задоволен од тоа како напредуваме и во организациска и во професионална смисла. Клубот е задоволен со мојот пристап кон работата и професионалноста. Радосен сум што сум дека од семејството Еурофарм Пелистер и сите ќе дадеме максимум за еден ден да го подигнеме тој пехар кој силно го посакуваме. За тоа е потребен процес, време и квалитетни одлуки. Некогаш во шега велам дека ќе останам во Битола се додека не го освоиме пехарот во националното првенство. Сакаме да имаме што е можно повеќе македонски репрезентативци и кога ќе игра македонската селекција да се исповетуваме со неа. Само така ќе го подигнеме квалитетот на клубот. Спојот на домашни репрезентативци и добро селекционирани и бирани странски ракометари се добитна комбинација. Само прашање на време е кога тоа ќе се оствари, но клубот веќе сега остварува големи успеси.
И директорот на клубот, Димитар Митревски не го криеше задовоството поради продолжувањето на ангажманот на Бабиќ во Битола и рече:
–Веќе некој период разговаравме со тренерот. Тој ја придоби нашата доверба, има јасна визија и пат по кој треба да се движиме и со неговото искуство од претходните клубови, доста ни помага и во градењето во оваа фаза на раст во која се наоѓа Еурофарм Пелистер. Имаме јасна стратегија и стабилизарање на целиот проект, па се надевам дека во овие три години ќе стигнеме до големи цели.
48-годишниот Бабиќ дојде во Битола во првите денови од 2020 година и ја водеше екипата во прекинатата сезона заради коронавирусот и во првиот дел од тековната сезона, во која битолскиот клуб одигра шест официјални натпревари. Пред да дојде во Еурофарм Пелистер, тренерот од Сплит работеше во Меткович, Кршко, Сплит, Горење Велење, Мешков Брест, а беше и селектор на хрватската ракометна репрезентација.
Бабиќ е трет хрватски тренер во Битола, по Костелиќ и Мунетиќ.






