Press "Enter" to skip to content

Претседателот на ФК Пелистер Стојчевски со оптимизам го дочекува пролетниот дел, долговите вратени се концентрираме на развој

Денес на прес-конференција претседателот и сопственик на најголем број на акции во ФК Пелистер, Пеце Стојчевски со оптимизам го најави пролетниот дел на оваа фудбалска сезона во која првата цел е опстанок во лигата, но и тоа дека Пелистер размислува и за развој во секој поглед. 

-ФК Пелистер направи голем чекор кон остварувањето на целта, а тоа дека скоро комплетно ги покри долговите кои постоечката управа ги наследи од претходната, го започна денешниот прес Стојчевски, кој потенцира дека во иднина повеќе внимание, средства и енергија ќе се посветат на развој на клубот, отколку на враќање на долгови.

-Можам да потврдам дека клубот ги врати скоро сите долгови кои ги наследи пред повеќе од две години. Покривме долг од 480.000 евра кој се однесуваше на заостанати примања на фудбалери, тренери и други субјекти. Ова е голем чекор напред клубот да оди во вистински пат и олеснување да се насочиме кон проектот на сениорската екипа и исполнување на целта – опстанок во лигата. Сега немаме притисок од блокирани сметки, извршители, спогодби со фудбалери и тренери… Заедно со акционерот, Општина Битола, имаме јасни цели и се движиме по зацртаната линија на развој, рече Пеце Стојчевски, кој за играчкиот кадар со кој сега ќе се “брка“ опстанокот во Првата лига рече:

-Минатото лето доведовме 11-12 фудбалери, сега стигнаа 4-5 новајлии,  а денес можам да се  пофалам со доведувањето на интернационалецот од Гана, Принц Ампонсах, кој доаѓа од шампионатот на Тајланд. Ова играчко комплетирање само по себе значи комплетно нов тим од оној кој го имавме кога дојдовме во Пелистер пред две години. Со се она што досега е направено во тимот и организација, можам слободно да кажам дека нестрпливо чекаме да почне вториот дел од шампионатот. Оптимист сум дека ни следи плодна пролет, по која уште повеќе се стабилизараме.

Дека Стојчевски и неговите соработници имаа оптимизам покажува и тоа дека веќе се уплатени средтвата за лиценца со која Пелистер идната сезона ќе игра на межународен план.

По неделното одложување на првото пролетно коло, битолчани в недела ќе гостуваат во Скопје против Вардар во натпреварот од 19. коло, а првиот домашен натпревар ќе го одигра седум дена подоцна против Ренова.

More from СпортMore posts in Спорт »