Press "Enter" to skip to content

Совети од лабораторија: подготовка на пациентот за давање примерок од крв

Авторот е дел од тимот на ПЗУ “Д-р Костурски“ во Битола, во дијагностичкаta биохемиска лабораторија.

За вашите резултати да бидат точни неопходно е адекватно да се подготвите пред да дадете крв за анализа. Кои се најважните пет правила:

-Најдобро е земањето на крв за анализа да се направи меѓу 7-10 часот наутро

-Треба да поминат 8-12 сати од земањето на вашиот последен оброк до одењето во лабораторија

-24 часа пред земање на крв за анализа избегнувајте интензивен физички напор

-1 час пред земање на крв немојте да пушите

-консултирајте стручно лице како вашите инсулински препарати или вашата стална терапија ќе влијае врз вашите резултати

Да почнеме од првото правило.

Идеално време да се земе крв за испитување е наутро меѓу 7 – 10 часот. Честопати се среќаваме со ситуации кога пациенти доаѓаат во 12 ч, или 13 ч. во лабораторија со цел да дадат крв за анализа со објаснување дека пред малку матичниот лекар им го дал упатот за лабораторија. Вашиот упат има важност од 1 месец и можете да го искористите во тој период кога вие ќе бидете добро подготвени за земање на крв за анализа, затоа не е потребно веднаш да одите во лабораторија после земањето на упатот. Многу метаболити имаат свој биолошки часовник кога се излачуваат во нашиот организам во кој период од денот, кога се метаболизираат и кога се излачуваат од него. Некои концентрации како на пример шекерот во крвта (гликемија) имаат различни концентрации во текот на денот. Па така доколку ги мерите неколку пати денес секогаш ќе имаат различна вредност. Но нас како лекари најмногу не интересира утринската концентрација пред земањето на првиот оброк. Доколку не ви препорачаат да се мери пред и по оброк како кога се прави гликемиски профил кој се користи во други испитувања најчесто врзани за Дијабетесот.

Крвна слика може да се прави во текот на денот според тераписките и дијагностичките потреби и кај децата, затоа ако упатот налага испитување само на крвна слика може да се дојде во лабораторија и подоцна од 10 часот. Од друга страна пак испитувањето на кортизол се прави во точно одредени дневни интервали и тоа од 7-9 часот наутро и од 15 – 17 часот попладне. За да бидат резултатите точни оброкот пред земање на крв треба да биде лесен, и никако не смее да биде подоцна од 19 часот. После тоа може да пиете само вода.

Задолжително на гладно се работаат анализите на концентрацијата на шекерот, холестерол, триглицириди, витамин Б12, фолна киселина, алкална фосфатаза, маркерите на коските, остеокалцин, железо во крв, паратхормон, кортизол, хомоцистеин, параметрите на бубрежната функција како уреа и креатинин.

48 часа пред земањето на крв за анализа не треба да се конзумираат овошни сокови обогатени со витамини, цедевита или газирани сокови затоа што тоа може да влијае врз резултатите. За одредување на тумор маркери не е потребно да сте гладни. Две недели пред земањето на крв треба да се храните нормално согласно вашите навики за јадење. Доколку ви претстојат денови на славење и пообилно јадење подоцна во вечерните часови тогаш вашето одење во лабораторија би било најдобро да го одложите за некое време. Истото важи доколку сте трета смена на работа па сте јаделе доцна во ноќта тогаш анализата одложетеја за неколку дена.

Утрото пред да одите во лабораторија можете да пиете вода. Доколку бидете добро хидрирани ќе го олесните земањето на крв затоа што вашите крвни садови ќе бидат полни и полесно пристапни за пунктирање. 48 часа пред земањето на крв треба да се избегнува конзумирање на алкохол и лекови (освен кога примате задолжителна терапија).

Ден пред земањето на крв за анализа треба да се избегнува поголема физичка активност затоа што тоа може да влијае на зголемувањето на нивото на некои ензими како Креатинин-киназа (ЦК) и Лактат-дехидрогеназа (ЛДХ). Земањето на примерок за испитување на Пролактин, Кортизол, АЦТХ и катехоламини мора да се направат во состојба на потполна релаксација и мирување во период од 20-30 минути. Ова се параметри кои имаат значајно варирање во текот на денот па затоа е битно кога и како ќе се земе крв за нивна анализа.

Тестот за толеранција на глукоза се изведува кај пациенти кои не јаделе 8-12 часа, пациентот за време на тестирањето е цело време во лабораторија и за тоа време не смее да пуши, да јаде да пие и да се изложува на физички напор.

Често се поставува прашањето дали смееме пред вадење на крв за анализа да ги испиеме таблетите од нашата редовна терапија. Може доколку тоа е терапија за регулирање на крвен притисок, работата на срцето или намалување на лачењето на киселини во желудник. За се друго треба да го консултирате лекарот кој ви ја препишал. Доколку земате претходно антибиотик пожелно е да поминат 3-5 дена од последниот испиен антибиотик па да се работаат анализите на крвта.

Истото важи и за терапија со препарати на железо.Доколку сте на хормонска терапија (како Еутирокс) не земајте таблетка утрото кога одите на испитување на тироидни хормони. Доколку примате антикоагулантна терапија пожелно е да го информирате персоналот во лабораторија за тоа, или да ја прекинете терапијата еден ден претходно. Испитувањата на хормоналниот статус кај жените се прави според одредена динамика во зависност од менструалниот циклус, па така различни хормони се испитуваат во различен период од циклусот.

Децата во лабораторија се посебна приказна. Тие чувствуваат страв, непријатност, вознемиреност…. Задача на секој родител е да го подготви детето за одењето во лабораторија за да може тоа да соработува и да се чувствува заштитено и сигурно.Често пати одењето во лабораторија се крие од децата со објаснување дека однапред ќе се истрауматизираат. Меѓутоа децата повеќе ќе се уплашат ако одењето во лабораторија го доживеат како непријатно изненадување. Затоа е важно на време да им објасните на разбирлив начин што ги очекува во лабораторија кога ќе стигнат таму. Разговорот со детето многу ја олеснува целокупната ситуација, ја зголемува неговата подготвеност за соработка со персоналот во лабораторија и го намалува стравот. Секако каква ќе биде подготовката на детето зависи од неговата возраст како и од тоа дали одењето во лабораторија е планирано или изненадно.

Од тоа како и колку ќе се подготвите за одење во лабораторија ќе зависи и точноста на вашите резултати. Одговарајте искрено на поставените прашања на персоналот во лабораторија затоа што секој искрен одговор значи поблиску до точни резултати и до повеќе одговори за вашата здравствена состојба. Впрочем од тие резултати натаму Ви зависат многу процедури и тераписки третмани.