Press "Enter" to skip to content

Фото репортажа: 55 километри со “точак“ од Старавина до Добро поле и назад по ископан или уништен пат, камењар, песок…

-Екстремна вело авантура во траење од 7,5 часа и поминати 55 километри поминати по ископан или уништен стар “француски“ пат, по камењар, по песок, низ грмушки, по кал… Манастирот “Свети Атанасиј Велики“, место викано “Црквиште“ над Старавина до Добро Поле, 1830 н.м.в. каде е “решена“ Првата Светска војна и назад каде Антантата го пробиваше Македонскиот фронт, е на кратко раскажана авантурата која ја поминавме, со логистика на Јове Парговски, голем познавач на теренот во Мариово и посебно на историските факти поврзани со Првата светска војна.Има многи патеки околу Битола, низ Пелистер, или низ Мариово кои се препорачани за возење велосипед, а една од оние која се препорачува само на најподготвените велосипедисти кои “возат“ планински велосипедизам  е вело турата од манастирот “Свети Атанасиј Велики“ над село Старавина, место викано црквиште до Добро Поле, која е дигитално маркирана во рамките на проектот „www.RuralAdventure.mk“.Ние вело-авантурата ја започнавме во 9 часот, од дворот на манастирот “Свети Атанасиј Велики“ над Старавина, место викано “Црквиште“, каде по посета на старата мала црква со благослов не испрати домаќинот Ристе, кој ни рече дека иако не е тука компексот е отворен за нас и за добро и за лошо.-Патеката е тешка да се вози во секој поглед, од должината од што има долги делови по сонце, има дел по камењар, дел по песок и затоа ја препорачувам на лица кои редовно возат планински велосипеди, со добра физичка и психичка подготвеност. Се поминува покрај Градешница, потоа се вози по умерена нагорнина до Шумската куќа десетина километри, од каде започнува екстремно тешкиот дел од 15 километри до Добро Поле. Патеката е “захтевна“ по стар шумски пат кој е лош, а како показател на тоа колку е тешка се оставените расипани градежни машини по патот. Последните километри пред старата војничка караула, се најтешки, тешко се поминува со голем џип, се вози, односно се оди по камењар, низ пат покриен со дрвја и лисја, вели Јове Парговски, кој беше навигација и логистика со теренско возило до целта.Иако е патеката тешка сите безбедно ја поминавме, а проректорот проф. д-р Игор Неделковски кој беше на оваа вело авантура по враќањето ни рече:-Екстремна планинска тура, а втората половина е претешка бидејќи се совладува голема висинска разлика, по тежок терен, по пат за кој не може да рече дека е шумски, бидејки многу оштетен, низ кал, низ песок, по камењар… Сакам да кажам и да им порачам на оние кои ќе се одлучат да возат до горе, да не одат без логистика на човек кој го знае теренот, секако со теренско возило, бидејќи секој метар е опасен. Безбедноста, да зборувам како професор, мора да биде во прв план. Но, кога ќе се стигне на Добро Поле, на самата граница со Грција, каде се одлучувала Првата светска војна пред 100 години, каде загинале илјадници војници на двете страни на Македонскиот фронт, се се заборава, и уморот и поттта и гребаниците… Иако преморени сепак сите со големо внимание го слушавме историскиот час за тој одлучувачки пробој на Добро Поле, кој ни го презентира и сликовито на самото место, Јове Парговски.По краткиот историски час и мал одмор колку да се “собере душа“ започнува слегувањето по истиот терен до Старавина, а за тој дел од авантурата Кире Грбевски вели:-Возењето велосипед на враќањето е посебно тежок, пред се поради уморот и затоа треба полна концентрација, бидејќи секој метар надолу е потежок и потежок. Сакам нешто да им порачам на оние ретките кои ќе се одлучат да возат до Добро Поле. Има делници кои се преубави во сенка, под високите дрвја, но и претешки за возење, но и делници на сонце кое пече, низ кал… Кога се качувавме поради тешкиот терен не забележавме многу работи кои ги видовме на слегување, кога направивме мали паузи. Кога се враќавме ние бевме свесни што се и како поминавме нагоре. “Второто полувреме“, слегувањето, беше полесно, но ние како искусни велосипедисти кои редовно сме на разни терени, бевме крајно концентрирани, бидејќи нема место за опуштање, а последиците можат да бидат тешки, за среќа поминавме без поправки на велосипедите, а имавме со нас неопходни резервни делови.По осум часа возење посебно уживање беа двата часа во енто ресторанот “Под Мостот“ во село Зович, кај Митко, каде уживавме во неговите специјалитети и си ги раскажавме поминатите 55 километри.

More from БитолаMore posts in Битола »