Денес во Битола, под Тумбекафе се спушта завесата на оваа фудбалска сезона, а Пелистер е домаќин на Беласица во последното коло. Пелистер има седум победи од исто толку домашни натпревари на свој терен во Битола, оваа пролет и се надева дека со триумф над струмичани ќе го завршат со стил овој шампионат. Пелистер има две победи оваа сезона над Беласица, а со победа сакаат и да ја завршат сезоната.
Тренерот Димитар Капинковски најавува атрактивен фудбал и победа за крај на сезоната и вели:
-Кога дојдов во Пелистер бевме претпоследни и само со дванаесет бода. Во овој период освоивме 30 бода, па во вториот дел на сезоната сме второ-трето место. Имаме голем напредок во бодовно салдо и обезбедивме опстанок без бараж на две кола до крајот, што ни беше единствена цел. Растеретени ќе го играме дуелот со Беласица. Да одиграме допадливо, како и досега, со доста голови и позитивна атмосфера.
Младиот голман Филип Трајчевски ќе добие шанса од првата минута, а на последниот натпревар докажа дека го заслужива ова место и вели:
-Верувам дека со соиграчите ќе победиме и со победа ќе го завршиме успешниот шампионат. Без разлика каде се наоѓа Беласица на табелата, ни следи добар натпревар. Треба да одиграме како што игравме оваа полусезона, прво за нас, па за „Чкембарите“ и очекуваме победа. Растоварени сме, тоа што е наше треба да го одиграме и да освоиме три бода.
Валентин Кочовски одигра одлична полусезона како и најголем број на соиграчи, а за последниот натпревар во Битола вели:
-Среќни сме за тоа што досега ја исполнавме целта која ја имамве зацртано, а останува денес да ја исполниме задачата која денес ќе ни ја даде шефот Капинковски. Мислам дека жеси играме за срце, да покажеме добра игра. Но, не треба да се опуштаме и успешно да ја завршиме оваа сезона.









