Регионот ги доби првите 150 „животни шампиони“, а меѓу нив и младите фудбалери од Битола, членови на ФК Пелистер, од младинските категории, кои присуствуваа на
истоимениот спортски и едукативен камп на Златибор, Србија.
Младите фудбалери од Битола беа заедно со фудбалерите на Белградски Графичар, Добој
од Слога, Сараево Железничар, Горица и Марибор, заедно со 30 тренери, поминаа четири дена на Златибор учејќи за животните вредности, тренирајќи, поврзувајќи и стекнувајќи пријатели за цел живот.
Од Фудбалскиот клуб Пелистер од Битола на овај камп учество зедоа младите фудбалерите родени 2005/6 како и тренерите: Симона Тасева – Беделовска, Стела Најдовска, Драган Димитровски, Горан Пашовски, Горан Ганчев, Михајло Корлевски и Ѓоко Илијовски.
-Малите фудбалери покрај тренинзите имаа прилика да се запознаат и со методите на неформално образование при што научија за важни животни теми како што се здравјето, екологијата, толеранцијата и недискриминацијата и зошто истите се важни, а фудбалските тренери, професори на Факултетот за физичко образование и експерти од областа на човековите права, им ги дадоа сите потребни информации со цел да прераснат во добри и квалитетни луѓе, вели координаторот Гордана Цветковска – Бошевска.
Амбасадори на проектот се нашиот капитен Гранде Горан Пандев, најдобриот стрелец на Србија, Александар Митровиќ и капитенот на БиХ и амбасадорот на УНИЦЕФ, Един Џеко
Кампот е дел од проектот „Заедно за поздрава и побезбедна заедница“ поддржан од програмата “Еразмус +“ на Европската унија, чиј медиумски партнер е ТВ “Арена Спорт“.
-Целта на кампот освен што е стекнување на нови знаења и поттикнување на регионалната соработка, солидарност и фер игра, истотака е и можност да се овозможи на голем број на деца бесплатно да присуствуваат на една ваква слободна активност. Дека значењето на кампот е огромно го потврдува и барањето на голем број на деца за наредниот камп да трае најмалку седум дена, додава Цветковска – Бошевска.
Сите учесници добија комплет опрема како подарок, а секој тим доби фудбалска топка. Конзорциумот покрај од Македонија обединува и партнери од секторите на млади, образование и спорт и од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Турција.
Наредниот камп се планира да се одржи во септември на кој покрај тренерите учество ќе земат и други помлади генерации од ФК Пелистер.










