Заминувањата на Дрогришки и Јован Талевски оставија голема „дупка“ во централниот дел на тимот на Еурофарм Пелистер 2. Затоа клубот се врати на пазарот и ангажира изненадувачко засилување, а тоа е македонскиот репрезентативец Димитар Димитриоски кој се обврза на договор на една сезона.
Прилепчанецот Димитриоски доаѓа во Битола од Вардар 1961, клуб со кој минатата сезона ја освои Суперлигата и Купот на Македонија. Во новата средина Димитриоски ќе ја смени и својата улога и ќе игра на позиција среден бек.
23-годишниот ракометар повеќе од пет години ги бранеше боите на клубот од Автокоманда. Прво настапуваше за Металург Јуниор, а три сезони беше дел од првиот тим на Металург, настапувајќи во Лигата на шампионите и СЕХА лигата.










