Press "Enter" to skip to content

Мастерклас во Битола со Џослин Пук: инсистирам да ги видам снимените материјали од филмот за кој пишувам музика

Мастеркласот на годинешното 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, го одржа Џослин Пук од Лондон, музичарка и композиторка на музика за филм, ТВ, современ танц… Модератор на мастеркласот со Џослин Пук беше Грег Малканџи, од Англија кој веќе неколку години живее и работи во Скопје, и кој ги водеше присутните на разговорот низ разни фази од нејзиниот креативен развој како музичарка и композиторка.

Светот на филмот слушна повеќе за Џослин Пук и нејзината музика откако легендарниот режисер Стенли Кјубрик ја ангажирал да напише музика за неговиот последен филм „Очи ширум затворени“ („Eyes Wide Shut“) во 1999. Новиот милениум и донел нови предизвици и успеси: авторството на музиката на „Венецијанскиот трговец“ на Мајкл Редфорд и „Бандите на Њујорк“ на Мартин Скорсезе сигурно е најмаркантно меѓу триесеттината играни филмски, телевизиски и документарни наслови.

Биографијата на Џослин Пук содржи низа „егзотични“ делови од нејзината рана фаза во музиката. Таа на почетокот на мастеркласот посочи дека 80-те години на минатиот век за неа биле прилика за поинакво едукативно надградување, освен класичното академско образование.Нејзините почетоци се врзани и со уличното музицирање како „баскер“ (уличен забавувач) со нејзиниот квартет: познатиот музичар Пол Велер ја чул во една прилика и ја ангажирал. Пред кариерата како композиторка на филмска музика во 80-тите години Пук членувала во поп-бендови: листата меѓу останатите ја сочинуваат „ABC“, „Meat Loaf“ и „The Communards“, а била и сешн-музичар на проектите на ѕвездите Питер Габриел, Ник Кејв, Пол Макартни, Марк Нопфлер, Лори Андерсон, „Massive Attack“… Македонските гледачи и слушатели сигурно ќе ги радува податокот дека пејачката Тања Царовска е нејзина долгогодишна соработничка во разни проекти, и секако дека не ја пропушти приликата да присуствува на мастеркласот на Џослин Пук.

Пук во раната фаза на нејзината кариера имала прилика да компонира музика за дузина театарски претстави на лондонските сцени. Посериозниот пробив со филмската музика во нејзината кариера се случил во сплет на среЌни околности. Членови од продукцијата на „Очи ширум затворени“ чуле неколку нејзини снимени композиции, а потоа била ангажиерана од Кјубрик да ја компонира музиката за неговиот филм.

Модераторот Малканџи потсети дека Кјубрик посветувал огромно внимание на сите сегменти од филмската продукција, не само режијата, туку и камерата, звукот… На Пук и било посочено дека проектот се реализира во најголема тајност, но на нејзино упорно инсистирање сепак добила прилика да ги види снимените сцени за кои требало да компонира музика.-Секогаш инсистирам да ги видам снимените материјали од филмот за кој пишувам музика, потенцираше Пук.

Малканџи потсети дека филмските режисери имаат различен пристап кон музиката во нивните дела. Квентин Тарантино, на пример, избирал песните како музичка илустрација уште пред да започне со снимањето на филмот.

-За разлика од таквиот пристап, композиторите на филмска музика  креираат лајт-мотив за карактерите во приказната, вели Пук.

Во разговорот се вклучи и пејачката Тања Царовска, која и заблагодари на Џослин Пук за поддршката која ја добила на почетокот на нејзината интернационална кариера. Пук и Царовска изразија заедничка надеж дека во наредниот период ќе ја реализираат нивната замисла за голем концерт под отворено небо.

 Џослин Пук во натамошниот тек на мастеркласот говореше за разните креативни предизвици и искуства во различните проекти, од разни жанрови и стилови, во кои учествувала изминативе децении.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »