Press "Enter" to skip to content

Марија Апчевска-Петровска: На „Манаки“ се чувстувам како дома, но тремата пред домашната публика е поголема

Краткиот игран филм „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска-Петровска, чиј кинематографер е Влатко Самоиловски, ја имаше македонската премиера во рамките на официјалната селекција на кратки играни филмови на 42. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а потоа на средба со новинарите во разговор со селекторот Слаѓан Пенев, режисерката Апчевска говореше за процесот на работа, учеството на фестивали, тремата во Битола…

-Јас сум битолчанка и израсната сум со овој фестивал, кога уште како многу малечка доаѓав на проекциите и тогаш не ги разбирав филмовите кои се прикажуваа на „Браќа Манаки“, но тоа беше големо доживување за мене кое продолжи и во средношколските денови кога испуштав часови во училиште за да гледам проекции. Мојата генерација порасна со овој фестивал, јас сум емотивно врзана за него и вчера имав малку трема, но се чувствував како дома, рече Апчевска.

Потоа таа се осврна на соработката со кинематограферот Влатко Самоиловски.

-Кога прв пат соработував со Влатко Самоиловски не очекував дека човек со портфолио како неговото може да снима студентски филм, но го снимивме, убаво соработувавме и потоа продолживме да работиме на останатите мои филмови и се надевам дека и понатаму ќе соработуваме. Уште во 2018 имав желба „Северен пол“ да биде сниман на филмска трака, но тоа беше сложено, бидејќи кај нас условите не дозволуваат таков тип на работа- немаме опрема и лабораторија…За среќа се се поклопи на крај и некако лесно се разборавме. Делиме заедничка естетика со Влатко, разговараме во детали како треба да изгледа филмот и кој ќе ни биде пристапот, а во однос на „Северен пол“ имавме доста време за да го направиме тоа. Во 2019 почнавме, требаше да биде сниман под снег, но немаше снег таа година, го одложивме и повторно чекавме снег, за на крај да го снимиме во ваква атмосфера и на сите им се допадна, рече Апчевска.

За темата на филмот, Апчевска посочи дека прашањата за идентитетот, кои сме , каде треба да одиме итн  се оние за кои сака да снима филмови, дека сака да остава отворени прашања и откако ќе заврши филмот и ја остава публиката со чувство на недореченост.

-Верувам дека филмот е дијалог меѓу публиката и авторите и би сакала да создавам такви дела кои продуцираат дијалог и се надевам дека „Северен пол“ успева во тоа. Во рецензиите кои ги добивме од Кан откривме дека особено ги пленила сцената на нападот на девојчето врз момчето, бидејќи сметам дека премногу се говори за жените како жртви, а всушност тоа не е она што доведува до рамноправност,  до зајакнување на правото за еднаквост. Мислам дека е многу важно да се покаже дека и женскиот род исто така ги поминува сите тие бури како и машкиот и ги има тие предизвици и ќе доведе до еднаквост,  рече Апчевска.

„Северен пол“ во продукција на „Кино око“, е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица. Филмот е во конкуренција за наградата „Мала камера 300“. Сценографијата е на Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа и кастинг-директор Киријана А. Николоска.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »