Press "Enter" to skip to content

Жељко Бабиќ: Оваа група е „минско поле“, вечер нè очекува голема борба со Спортинг

Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечер во Битола, во салата “Боро Чурлевски“ го пречекуваат Спортинг во рамките на 6. коло на Европската лига на ЕХФ. Откако претходната седмица испуштија шанса да победат во Лисабон, избраниците на Жељко Бабиќ се надеваат на подобра претстава пред своја публика. Во пресрет на дуелот, своето мислење го истакна хрватскиот стручњак.

-Моите играчи во Лисабон дадоа сè од себе, одиграа фантастичен натпревар. Без оглед на тоа што го имавме последниот напад и можевме да победиме, и тие имаа офанзивен фаул во нивниот претходен обид. Во секој случај, играчите покажаа страшен карактер и фантастично го презентираа клубот, државата и себе си. Сите знаеме дека е тешко да се освојуваат бодови на гостински терен и колку е добар Спортинг.  Што се однесува до вториот натпревар, вечерва во Битола нè очекува голема борба. Јас дури би рекол една ментална битка, мора да бидеме целосно фокусирани, а исто толку мора да бидеме ментално цврсти и спремни да го чекаме нашиот момент. Тие десет до дванаесет минути ќе дојдат, а ние мора да сме спремни да го искористиме тој период кога ќе ротираат“, започна Хрватот. 

Меѓу другото, предводникот на пелистерци се осврна и на групата и го изнесе мислењето дали ова коло може да биде клучно во битката за позиции и вели:

-Знаевме од почетокот дека групата е изедначена и дека во принцип таа е едно големо „минско поле“. Сепак, таков е спортот. Мора на секој натпревар да си максимално сконцентриран и фокусиран, во добра форма, да имаш силен тимски дух. Ова коло може да се испостави како одлучувачко, иако мислам дека сè уште е рано. Како и да заврши ова коло, има уште многу да се игра. Сите се бориме за првите четири места. Колку бодови ќе требаат за тоа, можеби е рано да се зборува. Ќе се играат уште четири кола во новата година и сметам дека тие ќе бидат клучни за пласман во следната фаза на Европската лига.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »