Рогашка – Пелистер 92:79
Екипата на Пелистер од Битола, во рамките на четвртиот “балон“ од АБА2 лигата, во Бања Лука, е поразен од екипата на Рогашка од Словенија, со што остануваат во долниот дел на табелата во регионалното натпреварување.
Кошаркарите на Илиевски влегоа со високи амбиции и во оваа средба, меѓутоа имаа еден лош период во натпреварот кој скапо го платија. По првите десет минути беше 23:22 за словенечкиот тим, а на стартот на вториот квартал, пелистерци поведоа со 23:26. Рогашка со серија од 11:0, дојде до 34-26, а потоа 41:31. Рогашка водството го задржа и не им дозволи на “пелистерци“ да дојдат до шанса да влезат во игра за победа.
-На претходниот натпревар игравме без грешка, но вечерва беше спротивно. Она што конкретно го договоривме како да го браниме противникот, потфрливме и Рогашка имаше бројни отворени шутеви што знаеше како да ги искористи. Имавме и сериозни проблеми во нападот, со дваесетина загубени топки, бројка со која не може да се добие ваква средба. Не постоеше енергијата од претходните дуели, а морам да го истакнам и проблемот во ротацијата бидејќи поради повреда не играше Марјан Младеновиќ, а во лоша здравствена состојба е Бобан Стајиќ, изјави тренерот Марјан Илиевски.
Најефикасен кај Пелистер, Кесар со 25 поени и десет скока, Малешевиќ со 24 поени.
Следниот натпревар на Пелистер во АБА-2 лигата е на 11 февруари, кога тимот на Марјан Илиевски ќе се соочи со Подгорица (12:00 часот).










