Тиквеш – Пелистер 1:0 (0:0)
Екипата на Пелистер продолжува со поразите во домашното првенство, овој пат се поразени во 20. коло од Првата фудбалска лига, во Кавадарци од екипата на Тиквеш и со минимален резултат 1:0, со гол кој го примија во 89 минута од натпреварот во “братското“ дерби на навивачите, на “Чкембарите“ и “Лозарите“.
Почетокот на натпреварот започна како и се очекуваше заради важноста на бодовите со игра на средината на теренот без напади на противничкиот гол. Во 28. минута, кога Антонио Глор од Пелистер заработи втор жолт картон и битолчани продолжија со 1о фудбалери на терен. Тиквеш кон крајот на првото полувреме имаше шанси за водство преку Лазаров и Спахиу.
И во вториот дел иницијатива на кавадарчани, а потоа двете екипи играа со по 10 фудбалери откако Петковски доби црвен картон. Првата шанса Пелистер ја имаше од слободен удар, а втората Талевски со прекрасен удар со лева нога ја затресе стативата. Во 89. минута, по еден отпадок, на топката налета Благојче Љамчевски кој погоди за 1:0.










