Press "Enter" to skip to content

Горан Думевски – Панчо од билијард клубот “Петчи и Панчо“: Битола ги има најинтелигентните играчи и првите професионалци од Македонија ќе бидат од Битола (фото)

-Битолските билијард играчи се најинтелигентните во Македонија, а како резултат на тоа сега во двете дивизии “А“ и “Б“ имаме најголем број на играчи, кои постигнуваат извонредни резултати кои од година во година се се подобри, ни рече на почетокот на разговорот Горан Думевски – Панчо, сопственик на билијард клуб “Петчи и Панчо“, поранешен билијард играч, сега организатор на играчите од Битола кои настапуваат во двете дивизии да се подготвуваат и да патуваат на натпревари, а од клубот “излегле“ сите играчи од Битола кои се натпреварувале.Кога се зборува за тоа како започнала историјата на оваа игра првите почетоци во Битола се во почетокот на минатиот век, кога според некои хроничари, биле донесени првите билијард маси, но нашиот соговорник, како дел од поновата генерација, ни раскажа какви биле почетоците на оваа игра пред 30-40 години, кога оваа игра имаше голема експанзија и кога низ градот имаше голем број на билијард клубови.

-Билијард играм од 16 години кога се појавија билијард маси на чинети и карамболи, кога немаше многу билијарди низ градот. Прв пат започнав да играм кај Томе Дебелиот, покрај Драгор, кај Ленски Мост, пред Рибарниците. Тоа беше рекреативно играње кога имаше неколку клуба во Битола, Томе Дебелиот, Бајче, потоа Маруш и Меро, тоа беа некои култни билијард клубови. Во тоа време имаше многу мајстори кои одлично ја играа оваа игра, а ние помладите тогаш учевме за карамболи од Бале Јуруко, Микаро, Мичо. Тогаш имаше неколку друштва кои игравме билијард, но че издвојам две поголеми друштва кои имавме ривалство, а сите останавме и до ден денес големи пријатели. Во тоа ривалство прв по квалитет се издвои Сашо Ѓубрето, а потоа јас го стигнав и бевме изедначени. По бројки бев подобар јас, но морам да признам дека беше одличен играч и тоа во карамболи, тешка игра но многу елегантна. Потоа излегоа “америчките“ билијард, маси и тогаш имаше најголема експанзија во Битола, вели Думевски за неговите и почетоците на билијадот во Битола.Во тоа време масите беа “шески“, а тоа значи дека должината е 6 стапки, а билјарди во тоа време во Битола имаше во секоја улица.

-“Проблемот“ беше во тоа време што секој клуб имаше свои правила според кои се играше, а во тоа време “најдобри“ беа Печале, Пешата Даскалот, Јурак кој беше културен и најелегантен играч, потоа еден техничар од “Бетон“… Овие стари мајстори не ја сакаа оваа игра со топки и дупки, поради различните правила и дојде до стагнација на оваа игра, а меѓу оние кои откажаа од билијард бев и јас. Тогаш како најпопуларен клуб беше “Казабланка“ кај кафаната на Расим, каде сите таму се префрлија во 90 –тите години. Потоа по паузата од 10 години се вратив да играм, тогаш во билијард клубот “Зац“, кој сега брзо затвори, наспроти слаткарницата “Битола“, вели Думевски. Но “проблемите“ кои ги имале играчите останале исти, немало правиле по кои сите би играле и би се натпреварувале, но во весник прочитале дека во Скопје се игра првенство во билијард. Думевски не се двоумел и тргнал по правила за играње кои би ги донел во Битола.

-Го побарав Орце од Скопје, сопственик на “Ка – Ем“ билијард клубот кај Педагошка, кој беше организатор и на турнири. Заедно со Никола Петков – Петчи ги зедовме правилата и започнавме да играме по утврдени светски правила. Тоа се случи околу 2005-6 година и тешко ни беше да ги примениме правилата во Битола. По некое време билијард отвори Томе Петровски, ракометаро,  “Пикадили“, кај “Стив Наумов“ со “осумки“ маси, долги 8 стапки, каде започнаа да се играат натпревари, по утврдени правила. Потоа први “деветки“ маси донесе Зацот, стандардизирана димензија за натпревари, какви имам и јас сега. Потоа се отвори и Владе во “Пелагонка 2“, клуб “Лонгони“. Тој беше одличен клуб со капацитет да организира големи турнир со многу играчи, вели Думевски.Во тоа време започнаа битолчани и да се натпреваруваат на турнир, а Панчо се присетува дека првиот турнир на кој учествувале бил во Прилеп, и тоа “ортаци“ во Петчи и победиле.

-Претходно од Битола оделе, играле, победувале, губеле, но никој не кажувал. Ние Панчо и Петчи донесовме “победа“ во Битола и кажавме. Потоа играв во салата “Борис Трајковски“, таму поединечно, каде за прв пат победив на турнир во 2011 година, како “Б“ играч. Потоа започнавме да  организираме и во Битола турнир и на првиот турнир победив во “осумка“, а потоа победив и во “десетка“ кај Зацо. Победував и на други турнири во Битола, а на државно ниво имаше одличен турнир во Прилеп кај Бисерко. Во тоа време се натпреваруваме четири – пет играчи од Битола, кои заедно патувавме и се дружевме. Прв државен турнир, организиран се одржа во “Инсомнија“ во Прилеп, а се играа мастерси за прв пат. Лигата беше составена од турнири, а се играше “осумка“. Играв финале и бев поразен од Дејан Сипковски, 5:8, од реално подобар играч од мене, вели Панчо за првите неговите турнири и натпревари, на кои го потврдувал квалитетот, на како вели во најдобрите времиња на билијардот во Македонија.Потоа се организирале регионално, а на крај играле завршни турнири, на кои настапувале во финале 16 играчи, мастерси за државен првак. А во тоа време од Битола ги освоиле трите први места, Тино Бојаџиев  – прв, Илче Трајковски – втор, а Горан Думевски –  трет, што е најдобар резултат на битолчани во Скопје. Думевски прекина со натпреварувачко играње во 2019 година.

-Едно време Битола остана без ниту една билијард маса и немаше каде да играме ни за рекреација, а камоли за натпревар. Се заложив многу да се организираме, но никој не ме поддржа. Направив состанок, но ништо, не тргнуваше работата. Во 2019 година, во мојот магацин за цемент ја сместив првата маса, а дека тоа ќе го направам скептик беше и претседателот на здружението, Игор Радичевски. Но, успеав прво со една маса, потоа две, а сега имаме три маси, а на “Богородица“ направивме три години откако е отворен овој клуб, во кој сега тренираме и се натпреваруваме и сме најдобри во двете дивизии. Јас се повлеков пред 2 години од активно игрење, за на мое место да дојде друг битолчанец, Христо, во што успеав, а јас станав судија. Во билијардот на 40 години се ветерани, а јас се повлеков на 50 години, што не е мала работа. Сега покрај судија сум и тренер на битолските билијард играчи. Дека не погрешив во тоа зборува и тоа што Христо е одличен играч и сите ќе не надмине и сака да се надоградува, е за брзо ќе биде профи играч.Клубот работи од затворен тим и тука се тренира и се подготвуваат за мастерс турнир, а редовно има и квалификациски турнири.

Тренинзите, вели Думевски, се повторуваме на потезите за да се усоврши секој удар, а целта е да нема грешки во играта. Се тренира според светски исксуства се тренира по 3-4 часа “на маса“ а тоа се надополнува со фитнес и кардио вежби за да може играчот да издржи еден турнир кој трае и по 5-6 часа. Последните тренинзи пред турнир се по можеби 8 часа, а секој тренинг е потврда на физичката и психолошката подготвеност која мора да биде совршена за победа. Билијард играчите знаат дека треба да имаат смиреност и решителност и без ни малку нервоза, а доколку ова го примени секој во животот ќе има успех во секој поглед.Думевски вели дека од Битола исто така има и еден меѓународен судија, а тоа е Владимир Илиевски живее и работи во Чачак, а го суди српското првенство.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from СпортMore posts in Спорт »