Press "Enter" to skip to content

ВИЗИТА (Ели Маказлиева, расказ, вистински случки од Битола)

Свети Архангел Михаил, помнам како дете, беше голем празник и секоја година беше свечен настан во моето семејство во Битола. Неколку дена претходно се чистеше цела куќа, независно од студот се миеше дворот со долгото црево зацврстено на дворската чешма од портата до секој агол и секоја бетонска скала. Се купуваа намирници за готвење, се украсуваше домот со пеглани и штиркани везени чаршафи сошиени од мајсторката во Битола – тетка Калипсо.

Вечерта спроти денот се подготвуваше вечерата на која редовно имаше тавче – гравче и риба ако беше посна славата или сарма и свинско печење ако беше мрсна.

Пред вечерата доаѓаше попот да свети погача и вода, а ние се редевме со свеќи во рака околу него, го бакнувавме крстот, тој не поросуваше со букетот од босилек и светена вода по косите. Се собиравме сите на долниот спрат од куќата – најблиските од семејството се редевме на масата и откако ќе се прекрстеше дедо ми Тоде, а по него и баба ми Фимија, почнувавме со вечерата.

По смртта на дедо ми и баба ми, татко ми како најстар во семејството си ја презеде славата.

Утредената на самиот ден на Свети Архангел, се славеше именденот на татко ми Миле (1927-2009) најстариот во големото семејство, Бог да го прости. На тој ден се велеше: „вечер имаме визита“, „ќе дојдиш на визита“, „кој со што ќе послужува вечер на визитата?“ итн.

За визитата се раскреваше цела куќа. Што помалку мебел во одаите да има, за да се направи место за што повеќе столици. Се носеа столици од кај стрико ми Танче, од кај стрико ми Митре, од комшиите. Столиците се редеа една до друга потпрени на кај ѕидовите во круг во секоја одаја и постојано ги броевме. Четири одаи беа наредени со столици.

Во кујната се миеја и премиваа сите чаши и се редеа на платнен памучен чаршаф за да се исцедат. На неколку маси беа наредени послужавници што во Битола беа наречени „тавти“ (веројатно изведенка од зборот „тави“) во тркалезни и четвртасти форми, а на секоја имаше милје. Во тавтите беа наредени визитарските јадења и пиења за послужување. Секоја тавта раскажуваше своја приказна од италијанските чаши до сервисите донесени од патувањата по странство на татко ми.

Најпрво се служеше слатко ставено во кристален сад со тркалезна форма на средина. Лево од него имаше специјално дизајнирана плитка стаклена подлошка за мали лажичиња поделена на два дела, во едниот се ставаа употребените, а во другиот чистите лажички. Наоколу беа наредени чаши со вода. Во друга тавта беа наредени чашите со ракија (жолта и бела) во два реда, во трета со вино и пиво, во четврта домашен сок од вишни растворен во вода, во петта филџани за кафе, во шеста мали сендвичи направени од кришки леб, намачкани со путер или ајвар, а врз секое сендвиче ставено рендано сирење или кашкавал. На седмата тавта имаше наредени ситни колачи со фондан, за мене омилени до ден денес. Нив ги нарачувавме неколку дена порано кај слаткарот чичко Тошо, познат по правење визитарски слатки во Битола. Штом ќе ги донесеа дома со часови ги редевме едно по едно во хартиени корпи во различни бои.

Дента пред да почне визитата сите се облекувавме во нова свечена облека. Неколку дена претходно со девојките (сестрите и братучетките) меѓу себе се распрашувавме: „Што ќе облечеш за визитата?, „Со која тавта ти ќе послужуваш на визитата?“ итн.

Иако бев најголема од сите, јас секогаш сакав да послужувам со колачите, а мајка ми Пандора (1933-1973) секогаш ми ја даваше големата тавта со чаши вино.

За сите девојчиња (сестри и први братучетки) имаше по една тавта. За Весна и Гордана – колачите, за Фанче и Јованка со чашите ракија, за Соња и Жана со сендвичите, за Сузе и Дијана – за најмалите, книжните салфетки.

Така, цела вечер се редеа гостите, едни идеа, седнуваа, ние поминувавме со тавтите со ред ги послужувавме, па тие стануваа – си заминуваа. На нивно место на столиците други гости доаѓаа и седнуваа, се послужуваа и си заминуваа. Така до доцна навечер се редеа гости, чиниш цела Битола дошла на визита.

Времињата со текот на годините се менуваа, а визитата не беше веќе визита.

More from БитолаMore posts in Битола »