-Денес во едно од најстарите училишта во Битола и пошироко ОУ “Св. Кирил и Методиј“ каде пред 140 години точно на ова место и ден 1 март 1883 година беше изведена првата претстава на македонски јазик. Се одржа програма со која се одбележа значаен ден, која ја подготвија учениците, менторите.
-Ленче, Бошко, Аџи Трајко, Велика, Мирса, Евра, Досе, Трендо бозаџијата… ликовите од битовата драма “Бегалка“, верно ја доловија забранетата љубов и патријархалните односи. Чорбаџи Теодос, Параскева, Наца, Томче, Стојанка, сватови, невеста, зет го играат невестинско оро…сцени од „Чорбаџи Теодос“.
-“Море Сокол пие вода на Вардарот“ , „На срце ми лежи мила мајко“ и звуци на кавал, тарабука македонска традиционална музика…
-Многу емоции кај присутните и солзи во очите. Се плетеа и врзуваа мартинки за 1. март… ова беше дел од сликата во ОУ “Св. Кирил и Методиј“ во Битола. Денес во ОУ “Св. Кирил и Методиј“ пред голем број гости : ученици, наставници, професори се одбележаа 140 години од 1 март 1883 година кога беше изведена првата претстава на македонски јазик.
Директорката Жанета Тошеска која им се обрати на присутните по повод одбележувањето на јубилејот рече:
-Иницијативата за овој настан ја поттикна професорот Александар Стерјовски врз основа на историските факти за нашето училиште. Имено во овие ходници каде сме сега пред 140 години се случил многу значаен настан. Затоа со голема одговорност, ја прифативме иницијативата и заедно со Тимот за надарени и талентирани ученици започнавме со подготвување на програма за да се одбележи овој настан што подостоинствено. Учениците работеа со своите ментори овие последни 2,3 недели интензивно. Се надевам дека овој настан ќе прерасне во традиција и да го одбележуваме и понатаму како значаен ден за нашето училиште.
Професорот Александар Стерјовски исто така се обрати кон присутните со емоции:
-Ми навираат спомени кога ја гледам училницата во која учев 4 одделение. Поводот што сме тука собрани е дека пред 140 години во ова училиште е одржана првата претстава на македонски јазик. Тоа беше едночинка од Тургењев “Без пари“ со 11 актери. Таа претстава ја одиграа учителите на ова училиште. Во тој период немало актерки и женските ликови ги глумеле актери. Значајно е што за прв пат битолчани имаа можност да видат дека животот може да се имитира, да се преслика. Тоа што се случува надвор да се изведе во претстава. Тоа се случи. Уште поважно е тоа што по три недели истата година во училиштето Гоце Делчев се одржа и првата претстава на грчки јаик. На крајот на учебната година пак во романската гимназија на улица „Белградска“ се изведе драма од Молиер, на влашки јазик. Сето ова сугерира дека Битола 1883 година стана центар на драмската уметност и со солзи во очите професорот додаде:
-Тука ќе споменам и еден грозоморен настан кој се случи на 11 март 1943 година депортацијата на Евреите од Битола на кој се присетуваме и се одбележува секоја година. Ми навираат спомените од моите ученички денови, за соученикот по име Моше еврејче кој еден ден не дојде на училиште. Сите говореа,“ ги кренаа“ Евреите.
Тимот наставници за надарени и талентирани ученици кои беа вклучени во подготовките на активностите за настанот секој од свој аспект кажа:
Жанета Ристевска, психолог со ученици од 8 одделние подготвија неколку сцени од драмата “Бегалка“на Васил Иљоски.
-Моите „актери“ вистински се соживеаја со ликовите и навлегоа во нивната психологија. Интересно беше што на почетокот сами ги избраа според својот темперамент. Исто така ја почуствуваа љубовта која е универзална без оглед во кој век се случува. Тие истражуваа за облека, предмети кои беа карактеристични за тој период кога се случува дејствието на драмата, со што се запознаа со нашата традиција. Изборот на костими и како ќе изгледа сцената ја направивме сите заедно. Учениците толку верно ги претставија ликовите и на крај после сцената каде Аџи Трајко го зема своето внуче во прегратка и му простува на Ленче и Бошко на Прочка, имаше емоции и солзи кај присутните, рече Ристевска.
Мартинките за да го одбележиме 1 ви март интересно им беа поделени на гостите кои дојдоа на настанот. Тие беа направени на часовите по изборни предмети со наставниците Софија Ј. Талевска и Кристина Полизовска.
Катерина Пејовска наставник по музичко образование за настапот на учениците рече:
-Овие две недели додека се подготвуваваме со хорот, низ нашето училиште се пееја македонските песни “Море Сокол пие“ и “На срце ми лежи мила мајко“. Тоа е моќта на нашата македонска традиционална музика која ја почуствуваа овие млади генерации. И на еден начин придонесуваме да ја сакаат и негуваат.
Весна Јанкулоска одделенски раководител и ментор на ученици од 5 а одделение. „Со моите ученици ја подготвивме претставата “Чорбаџи Теодос“. За да се долови дејствието на драмата сите беа облечени во традиционални носии од тој период.“
На крај го заиграа и невестинското оро на кое се приклучија и другите учесници на настанот.