Љубителите на ракометот во Битола по разочарувањето во Европската лига вечерва во 18 часот имаат можност да гледаат натпревар од СЕХА лигата, прв во Битола по гостувањата на “пелистерци“ во Нови Сад и Нашице. Вечерва во Битола гостува шампионот на Србија, екипата на Војводина од Нови Сад, а како ракомерите ја очекуваат оваа средба, Жарко Пешевски вели:
-Војводина е квалитетна екипа, составена од искусни домашни ракометари. Овој натпревар ни доаѓа во лош момент, но може добро да ни дојде за да ги залечеме раните и да биде еден наш нов почеток. Едно будење во кое ќе се подигнеме самите и ќе забележиме поволен резултат, не само на таа средба туку и на натпреварот што нè чека во Суперлигата против Пролет“, вели македонскиот репрезентативец.
Ненад Костески во највата за СЕХА натпреварот вели:
-Имавме само еден ден за да се подготвиме за натпреварот со Војводина во СЕХА лигата. Треба да заборавиме тоа што се случи против Мотор Запорожје, да ги подигнеме главите и да покажеме добра игра и добар натпревар. Ништо не е загубено оваа сезона, има уште многу да се игра. Ја повикувам публиката да дојде да нè поддржи и на крај сите заедно да се радуваме на нова победа.
На првата меѓусебна средба во СЕХА лигата оваа сезона, Војводина пред својата публика славеше убедлива победа од 29:24.