Press "Enter" to skip to content

Торжествен дочек на светите мошти на Свети Димитрија во Волонгонг (фотогалерија)

Како круна на сите напори на Македонците во Волонгонг, Австралија беше малото осветување на храмот што се изврши на 27 август 1972 година. Тогаш, на тој чин, на симболичен начин вратите на храмот ги отвори градоначалникот на Волонгонг г. Поркер.Тоа беше голем и значаен ден на Македонците, кои го прославија својот празник во присуство на преставници на Парламентот на државата Нов Јужен Велс, на Министерството за емиграција, на Англиканската црква и други пријатели.Но, после 51 година, од работата и делувањето на овој велелепен храм на 8- ми Ноември оваа 2023 година, денот кога го славиме споменот на Св. Великомаченик Димитриј Солунски, во Волонгонг, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која што чиноначелствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископ Сиднејски и Австралиско- новозеландски г. Георгиј од Руската задгранична црква, прото-ставрофорите Никола Христоски и Љупчо Двојаковски, игуменот Гаврил, протоереите Наум Деспотовски и Климент Џепароски, свештеникот Роберт Илиевски и протоѓацоните Николче Ѓурѓиноски и Мартин од Руската задгранична црква.Овој славен и чудотворен светител се роди во градот Солун од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетни родители Димитриј беше син единец, заради што беше воспитан и однегуван со големо внимание. Татко му беше војвода солунски, па кога умре татко му го поставија Димитриј за војвода наместо неговиот татко.Кога го постави за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорача да ги гони и истребува христијаните што беа во Солун. Но, Димитриј не само што не го послуша царот туку напротив, јавно го исповедаше и го приповедаше Христа во градот Солун. Кога слушна за тоа царот Максимијан многу се огорчи на него, па еднаш враќајќи се од војна, царот сврати во Солун посебно за да ја испита оваа работа.Го повика, значи, војводата Димитриј и го испитуваше за верата, Димитриј јавно пред царот призна дека е христијанин и го изобличи идолопоклонството на Максимијан. Разјарен, царот го фрли Димитриј во затвор. Знаејки што го чека, Димитриј му го врачи сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отиде во затворот вессел, зашто му претстоеше страдање за Господа.Во затворот му се јави ангел Божји и му рече: “Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!” По неколку дена царот испрати војници во затворот за да го убијат Димитриј. Војниците го најдоа Божјиот Светител на молитва и го избодија со копја. Неговото тело тајно го зедоа христијаните и чесно го погребаа. Од телото на Христовиот страдалник потече исцелително миро, со кое што мнозина болни се излечија. Наскоро над моштите беше подигната малечка црква. Еден илирски војник, Леонитиј, беше болен од неизлечива болест. Им притекна на моштите на Св. Димитриј со молитва и стана потполно здрав. Од благодарност му подигна на Св. Димитриј црква многу поголема од старата. Светителот му се јави двапати. Кога царот Јулијан сакаше да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот скокнаа пламени искри и се чу глас: :Застанете и не гибајте!”И така моштите на Св. Димитриј останаа за секогаш во Солун. Како заштитник на Солун, Св. Димитриј се јавуваше многупати и многупати го спаси Солун од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, кој што го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година.Но, овој 8-ми Ноември 2023 година, беше навистина торжествен, за овој наш свет храм, кој стана дом на дел од моштите на светиот великомаченик Димитриј Солунски, подарени од Епископот г. Георгиј, а кои беа лично и свечано донесени пред светата Литургија. Моштите ги прими и целива Митрополитот г. Тимотеј кој ги внесе во храмот. Река народ протече низ црковните врати поклонувајки се и целивајки ги моштите на патронот на црквата.Нашинците од градот на железото – Волонгонг испишаа уште една историја за нивниот опстој од овој дел на Австралија. Како знак на благодарност кон нашиот ценет гостин,од името на Епархијата, Митрополитот Тимотеј му подари прекрасна панагија, а управата на храмот прекрасна икона од свети Георгиј.Епископот, пак, Георгиј се заблагодари за гостопримството и му подари на нашиот Митрополит прекрасен рачен крст. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, а на самиот крај беше прекршен и празничниот колач.Управата организира и братска трпеза за сите присутни во храмот за што заслужуваат големи пофалби за се она што можеше да се доживее и види со литија, носењето и свеченото предавање на моштите. Се одеше по планот и програмата како што велат домакините. Големо Браво!

Кире Циревски

More from ДијаспораMore posts in Дијаспора »