И еве не повторно, временски скоро колку што постои Француската Алијанса во Битола значи безмалку по 24 пат, единствени во нашата земја и заедно со околу 120 земји во светот, го одбележуваме овој прекрасен, разигран, единствен ПРАЗНИК НА МУЗИКАТА!!!
FÊTE DE LA MUSIQUE !!!
Но зошто 21 јуни и зошто Франција?
Датумот коинцидира со првиот ден на летото во северната хемисфера, секако со најдолгиот ден, летната долгоденица или Купалов ден кај старите Словени. А Франција во целата приказна ? Па, потеклото на Празникот на музиката или уште World Music Day е француско. Некои почетоци се наѕираат во 1976 кога американецот Џоел Коен, работејќи за француската музичка продукција, поведе иницијатива музички групи да настапуваат во Париз и Тулуз до доцна во ноќта за време на летниот и зимскиот солстициј.
Во 1981 година празникот веќе почнува да се наговестува во културната историја на Франција и Морис Флере ( Maurice Fleuret ) директор за музика и танц ќе изјави “„Музика ќе има насекаде, а концерт никаде “. И за него револуцијата веќе тече и им овозможува на сите видови музики да им се чуе гласот како едно своевидно „звучно ослободување, пијанство, вртоглавица кои се поавтентични, поинтимни и поелоквентниод самата уметност !“
Следната, 1982 година анкетата покажа дека 5 милиони французи од кои половината млади, практикуваат музика, свират на некаков музички инструмент. Таа година, францускиот министер за култура Жак Ланг (Jack Lang) со своите соработници заеднички ја осмислија огромната народна манифестација која ќе им овозможи на сите музичари да настапуваат и на тој начин луѓето да ги запознаат во текот на една празнична вечер.
И ете така, на 21 јуни 1982 година, се роди првиот Празник на музиката. Еден отворен ден, надвор од концертните сали, на различни јавни простори, улици, плоштади, паркови, ходници, платоа, дворови, за сите посетители, минувачи, добронамерници, но и за сите видови музики и изведувачи…
Денес, насекаде во светот, во 120 земји, во скоро 800 градови, оваа форма на празникот, добро позната на нашите битолчани продолжува. И симболиката опстојува. Се собираат уметници, музичари, танчери, празникот го слават професионалците, аматерите.
По 43 пат, настапувајќи заедно, сите овие актери ќе дадат се од себе за да на најдобар можен начин ја илустрираат разноврсноста но и виталноста на музичкиот пејсаж.
Оваа година Празникот на музиката е обоен со боите на Олимписките и параолимписките игри 2024. Сите форми на уметничка и особено музичка експресија се истакнати со цел да се промовира плурализмот, значењето на разноврсноста и културните права на граѓаните.
Со огромна благодарност на традиционалните партнери и секогаш инспиративните Француската Алијанса и Францускиот конзулат во Битола, во соработка со КИЦ и Општина Битола, во тој космополитски и уметнички дух којшто толку и прилега на нашата Битола да посакаме
ДА ЖИВЕЕ ПРАЗНИКОТ НА МУЗИКАТА.
VIVE LA FETE DE LA MUSIQUE !!!











