По повод големиот македонски национален и православен празник 2 август, Илинден, во холот на библиотеката “Св. Климент Охридски“ Битола поставена е тематска изложба на книги.
2 Август – Денот на Републиката е голем државен празник на Македонија, кој исто така е и голем верски празник – Илинден во чест на пророкот Св. Илија – според јулијанскиот календар.
Празникот се прославува во знак на сеќавање на два големи настани од македонското минато кои се случиле на овој датум, и со кои се удрени темелите на македонската државност; Илинденското востание од 1903 година кое било организирано од Внатрешната македонска револуционерна организација против Отоманската империја, после кое била прогласена Република, и 2 август 1944 – Денот кога пред точно 80 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност.






