Синоќа во свечената сала на КИЦ Офицерски дом Битола се одржа концерт насловен „Balkan Nuevo“ со врвни музичари од регионот. Горан Бојчевски (Македонија), Матија Дедиќ ( Хрватска) виртуоз на пијано, Јака Крушиќ контрабас и Грего Хорват тапани од Слповенија.
Маестро Горан Бојчевски потекнува од Битола, според критичарите е еден од најдобрите кларинетисти во светот, музичар кој ги вткајува богатите ритмови на македонската традиционална народна музика заедно со своите носталгични чувства во композиции кои се шират низ целиот свет. Успехот лежи во емоцијата која ја пренесува до оние кои ја слушаат, емотивно ја доживуваат и уживаат во истата.
Маестро Горан Бојчевски виртуоз на кларинет и композитор потекнува од Битола, но денес живее во Словенија. Ова е негов настап после 20 години во својот роден град. Тој со многу емоции во гласот ги поздрави присутните на почетокот на концертот при што рече:
-Мило ми е што сум тука во Битола и морам да кажам дека имам трема што настапувам после 20 години токму на ова прекрасно место. Затоа чувствувам голема одговорност. Секој музичар така се чувствува кога настапува дома. Најпрво да се заблагодарам на Општина Битола на поканата да бидам дел од Фестивалот Битолско културно лето, да настапиме во оваа прекрасна свечена сала на КИЦ Битола. Ги поздравувам моите блиски кои дојдоа на концертот во Битола Мојата сопруга, синот,мојот татко, пријатели. Исто така посебно ги поздравувам пријателите кои ме пратат на скоро секој концерт, а вечерва се тука и допатуваа од Шпанија, Словенија.
-Ова е наш самостоен концерт „Балкан Нуево“. Тоа е нов музички стил кој го создадов низ моето музицирање, а црпи инспирација од македонски корени и претставува микс со елементи од класичната и танго музика. Ритмовите се измешани. Вечерва ќе настапиме како квартет музичари од Македонија, Хрватска и Словенија – јас на кларинет и кавал со колаж од моја авторска музика и неколку македонски преработки. Грего Хорват од Словенија, додаде Бојчевски.
Матија Дедиќ е од Загреб Хрватска емотивен пијанист, единствен на овие простори кој ја негува и продолжува традицијата на неговиот татко, музичарот Арсен Дедиќ кои со неговата сопруга Габи Новак се легенди кои оставиле неизбришлива трага во музиката на овие простори. Битола познат како „град на клавирите“ заслужува еден ваков концерт.
Публиката беше воодушевена од изведбите и ги поздрави со долг аплауз. По завршувањето на концертот Матија Дедиќ од Хрватска ни изјави:
-Ме врзува големо пријателство со Горан Бојчевски и така се најдов заедно со овие врвни музичари на овој концерт во Битола. Не сум ни Охрид ниту Скопје. Морам да ја пофалам организацијата, за концертот, за овој клавир и оваа сала, кои придонесоа овој концерт да биде вака успешен. Мојата мајка Габи Новак која денес има 88 години ми кажуваше дека последен пат имала концерт во Битола 1961 година, заедно со Тереза Кесовија во кино “Трудбеник“ и ја врзуваат многу убави спомени. Се надевам дека ќе имам и други настапи во Битола.
Жанета Ристевска
Фото: Сашо Ристевски
[ngg src=”galleries” ids=”2080″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ images_per_page=”33″]










