Press "Enter" to skip to content

11. меѓународен пливачки натпревар во организација на Олимпик Битола

На 25 август на Олимпискиот базен во Битола се одржа единаесеттиот по ред Меѓународен пливачки натпревар во организација на СПД „Олимпик“ – Битола и тренерот Кире Марков. И покрај неможноста овој спорт да се тренира преку целата година градот има чест да се пофали и со натпревар од ваков карактер. На натпреварот учествуваа пливачи од многу спортски клубови во земјата, како и клубови од Србија, Косово и Австралија.Тренерот Кире Марков на самото отворање на натпреварот изјави дека ова лето полни 60 години откако  е во водите на Олимпискиот базен и најави дека има сила да научи да пливаат уште неколку генерации деца во иднина. Во градот важи за човек со голема душа кој низ сите овие години со најголем ентузијазам има научено многу дечиња да пливаат и да скијат.На самото отворање беше поканета и Софија Бејковска која пред осум години на нејзина 29 годишна возраст стана првата битолчанка која го преплива Охридското езеро и за тоа лично му се заблагодари на својот тренер. Повторно апелираше за изградба на покриен базен во Битола кој битолчани го чекаат веќе долго време. Изградбата на базенот ќе придонесе за што е можно подобри  резултати во иднина и формирање на големи пливачки таленти кои ќе претставуваат гордост за градот.Во рамките на натпреварот беше поставена и изложба на фотографии од 60 годишното пливачко искуство на Кире Марков,  која можеше да се разгледа од посетителите.
По официјалното натпреварување се одржа и едно ревијално пливање на ветерани на 50 м слободно.На натпреварот нашите битолчани освоија многу места во сите категории што покажува дека градот има значајни пливачки капацитети.