Деновиве се одржа десеттата по ред работилница од проектот #Книгата прозорец кон светот“ со интересни активности на настан поврзан со тема „Моќта на библиотерапија“ во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола. Работилница под наслов „Моќта на библиотерапија како средство против анксиозност и предизвикувачко однесување кај тинејџери и адолесценти без или со било каков вид на попреченост“се случи за прв пат.
Горлива тема за која се дискутираше, со група составена од: дефектолози, образовни асистенти, наставници и родители кои активно се вклучија на работилницата.
Модератори на работилницата беа Сузана Станоевска специјален едукатор и рехабилитатор и претседател на Центар за помош и поддршка на деца и лица со попреченост “Сложувалка Срце“ и Жанета Ристевска лиценциран психолог.
По повод активностите поврзани со настанот Сузaна Станоевска ни изјави:
-Во ера на борба со предизвиците на современото живеење од голема важност е едно моќно оружје, а тоа е – книгата. Токму затоа, јас како претседател на Центарот за помош и поддршка на деца и лица со попреченост “Сложувалка Срце“ заедно со останатите членови поаѓајќи од една интересна идеа сме на самата цел до успешна реализација на проектот “Книгата прозорец кон светот“ каде водечка сила и мотив низ работилниците кои се реализираа во текот на цела календарска година е токму таа, нејзиното височество КНИГАТА. Проектот е од национален карактер поддржан од Министерството за култура на РСМ, а во соработка со НУУБ “Св. Климент Охридски“.
До сега се реализирани 10 настани, а до самиот крај остануваат уште 2 . Настаните се реализираа со деца од претшколска и школска возраст со типичен и атипичен развој, а имаше и неколку наменети за родители, семејства и стручни лица кои се поврзани со оваа категорија. Како ново и доста ефективно средство ја промовираме библиотерапијата. До сега, малку се зборувало за неа на нашите простори, а низ работилниците се докажа дека нејзината примена дава огромен бенефит во благосостојбата на децата со типичен и атипичен развој, како и на возрасните лица воопшто.
На десеттата работилница на наша покана и огромно задоволство гостуваше и на оваа тема дискутираше Жанета Ристевска – лиценциран психолог со огромно искуство и непроценливо знаење, а присутните беа воодушевени од стратегиите и техниките со кои се стекнаа низ низата интерактивни активности кои им беа презентирани . Библиотерапијата е нешто кое треба да применува низ секојдневното живеење и функционирање и се надеваме дека ќе бидеме мотив за нејзина промоција и понатамошно примена.
Жанета Ристевска лиценциран психолог кажа:
-Мило ми е што работилницата се одржува во овој „Храм на книгата“ и во ова посебно тивко место читална каде се опуштивме и уживавме во темата за „Моќта на библиотерапија. Испитувањата покажуваат дека библиотерапијата може да придонесе за емотивни и когнитивни промени. На оваа работилница со тема „Моќта на библиотерапија – книгата како средство против анксиозност и предизвикувачко однесување кај тинејџери и адолесценти со типичен и атипичен развој“ присутните дефектолози, образовни асистенсти, наставници и родители… активно се вклучија во дискусија и низ техники, методи се
стекнуваа со вештини, стратегии и запознаваа со фактот дека придобивките од библиотерапијата се огромни, особено при справување со нарушено ментално здравје, кај тинејџерите и адолесцентите.
Периодот на адолесценција е специфичен период кога адолесцентнот тежнее кон индивидуализација и сепарација од родителите, настојува да порасне, да се осамостои и одвои од родителите. За родителите е важно да го олеснат тој процес пружајќи поддршка и разбирање на неговата потреба за одвојување. И ова е всушност учество во нивниот процес на созревање на детето. Понекогаш се случува адолесцентот да западне во криза или конфузија во пронаоѓање на идентитетот. Ваква криза предизвикува емоционална болка при што се јавува: напнатост, депресивно расположение, анксиозност, ниска самодоверба,
социјално повлекување итн.
Еве на кој начин овој процес може да им помогне на оние кои се борат со депресија и анксиозност. Се работи за терапија во текот на која преку читањето книги им се помага на децата, тинејџерите, адолесцентите или возрасните полесно да ги пребродат тешките емотивни искуства низ кои поминуваат во одреден момент. Клучниот елемент во сиот процес е идентификувањето на читателите со одреден лик во книгата при што можат полесно да ги разберат симптомите на депресија или да дознаат нешто повеќе за себе и своето ментално здравје.
Библиотерапијата треба да применува низ секојдневното живеење и функционирање и се надеваме дека со оваа работилница ќе бидеме мотив за нејзина промоција и понатамошно примена. На оваа тема планирани се уште неколку работилници кои ќе се одржуваат на различни места во парк, како „Walk and talk“ или во кафуле „На кафе со психолог“.Се гледаме на истите да разговараме за различни теми и книги.






