Press "Enter" to skip to content

Средношколците од Горната Гимназија со музичка програма на “Зимската приказна“ која никого не остави рамнодушен

Денес на пладне на платото кај Офицерски дом во Битола во рамките на “Зимската приказна“ која ја организира Општина Битола со своја музичка програма се претставија бендовите од гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола. Учесниците во музичката програма, нивниот ментор Владко Симоновски и Емилија Ристевска Стефановска, градоначалникот Тони Коњановски и сите присутни ги поздрави и им се обрати директорката, Лидија Споа, која рече: Мило ми е што повторно испраќаме уште една календарска година, која нескромно ќе кажам, успеавме да ја исполниме со бројни успеси на нашата Гимназија, нашите ученици и професори. Горди сме што како професори неуморно работејќи успеавме повторно да го извлечеме најдоброто, најквалитетното, најпозитивното и најкреативното од нашите ученици. Искрено се радуваме на секој нивни постигнат успех, затоа што го знаеме трудот којшто бил вложен. Во 2024 година бевме сведоци на освоени награди на општински, државни и меѓународни натпревари од сите области. Се потврдува дека благодарение на квалитетот и огромниот потенцијал на нашите ученици и несебичното вложување на нивните професори-ментори, секој предизвик, секоја поставена цел се постигнува. Како партнери успеваат да ги решат и најтешките задачи. Со влегувањето во гимназиските клупи, нашите ученици, вашите деца, почитувани родители, едноставно пораснале. Се надевам дека сте пријатно изненадени кога гледате дека тие се организатори на настани, учесници на работилници и обуки. Ги гледате како млади надежни поети, рецитатори, уметници и успешни спортисти. Млади луѓе на кои им овозможуваме да патуваат, да рушат бариери, да градат мостови на пријателства кои ќе траат. За денешната музичка програма, Споа, додаде: Дозволете токму тие да ве внесат во новогодишната магија. Сакам да се заблагодарам на сите кои ни помагаат да ги оствариме сите зацртани цели, да се остварат сите наши желби и така да бидеме секогаш подобри од претходната година. Огромна благодарност до градоначалникот и општина Битола за континуираната поддршка на Гимназијата. Ви ги честитам новогодишните и божиќните празници, ви посакувам добро здравје, многу среќа и огромна количина на љубов. Им посака директорката на Гимназијата Лидија Споа.

 

 

 

More from ВестиMore posts in Вести »