Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес го посети општинското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“, каде имаше средба со директорот Горан Талевски и дел од вработените во училиштето. На средбата се разговараше за новите инвестиции кои ќе се реализираат со почетокот на новата година, а за кои активностите се веќе започнати.
Согласно склучениот договор со изведувачот, започнаа подготовките за реконструкција на спортската сала во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“, каде извршена е демонтажа на постоечките справи за вежбање и голови и ќе биде наместен нов комплетен повеќеслоен спортски под, со еластична подлога, изработен според ИСО стандарди за квалитет, со завршна обработка дрво, посебно погоден за кошарка со сите подслоеви потребни за подот. Теренот ќе биде обележан за кошарка, ракомет и одбојка, со соодветни материјали, според сите стандарди за секој вид спорт. Вкупната инвестиција за спортската сала изнесува 5 642 406 денари, а ќе биде извршена и интевенција на кровната конструкција во износ од 306 800 денари.
Градоначалникот и директорот, разговараа и за целосната реконструкција на наставничката канцеларија во училиштето, за која е издвоена сума во износ од 535 725 денари, за што краен рок на реализација е крајот на месец јануари.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски го посети и Средното општинско земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“, каде со директорот Златко Крстевски, разговараше за инвестициите реализирани во насока на подобрување на условите во училишната зграда, но и набавка на нова ИТ и друга опрема.
Дирeкторот Крстевски, изрази голема благодарност за соработката со општината, како резултат на што реализирана е набавка на нагледни средства од 250.000 денари за практична настава и обука на учениците кои учат на агрономските насоки. Исто така, извршено е реновирање на четири работни простории и два кабинети во вредност од 1.600.000 денари, со што комплетно беа обновени ѕидовите, подовите, таваните, а извршена е промена и на електричната инсталација.
Набавена е и компјутерска опрема во вредност од 70.000 денари, како и набавка на училишен инвентар во износ од 65.000 денари.






