По натпреварот на кошаркарите на Пелистер во Битола против екипата на Вардар, тренерот Ненад Трајковиќ, изрази задоволство од пристапот на неговиот тим на натпреварот против последната екипа на табелата, Вардар, во кој битолчани победија со 98:57. Трајковиќ им даде и шанса на младите кошаркари, за кои рече дека би сакал да ги види во тимот и следната година.
-Знаеме дека ривалот е последнопласиран на табелата, затоа победата не беше доведена во прашање во ниту еден момент. Задоволен сум од нашата енергија и тимската хемија. Играчите покажаа дека се почитуваат и играат како колектив. Имавме доволно добар резултат за да им дадеме шанса на младите играчи од кои очекувам да напредуваат и да бидат со нас и следната сезона. Задоволен сум од прикажаното, мислам дека сосема заслужено ги освоивме бодовите, рече Трајковиќ, а за наредните предизвици н тимот додаде:
-Сега на програмата ни следува мечот против ТФТ, тим кој покажа многу во текот на целата сезона. Се надевам дека во последното коло ќе оствариме победа и со максимална мотивација ќе ги чекаме предизвиците во плеј-офот“.
Пелистер во моментов има скор од тринаесет победи и осум порази. Следниот натпревар против ТФТ Скопје е закажан за 7 април.











