-“Да ги оживееме боите на уметноста“ настан кој во живо ги донесе најпознатите уметнички дела во Офицерски дом – Битола, Настан организиран од Општинскиот Совет за превенција од детско престапништво и “Сложувалка срце“ центар за поддршка на деца и лица со попреченост, и со поддршка на КИЦ Битола и Општина Битола.
„Мона Лиза“, „Фрида Кало“, „Девојката со бисерна обетка“, „Врисок“, Автопортретите на Ван Гог, „Девојката со чадор“, „Девојчето со мандарини“… најпознатите портрети од уметничките дела на врвните сликари: Леонардо да Винчи, Винсент Ван Гог, Јоханес Вермер, Едвард Мунк, Пјер Огист, Реноар, Вејстлинг Морган.
Ги донесоа во живо и 3Д перформанс ученици со типичен и атипичен развој од основните училишта “Св. Кирил и Методиј“и “Коле Канински“ од Битола и ресурсен центар „Кочо Рацин“ . Сите беа учесници на еден уникатен и оригинален настан “Да ги оживееме боите на уметноста“.
Настанот беше организиран од Општинскиот Совет за превенција од детско престапништво и „Сложувалка срце“ центар за поддршка на деца и лица со попреченост. Со поддршка на КИЦ Биола и Општина Битола.
За некого можеби обично, за нас едно посебно пролетно попладне, попладне во кое уметноста оживува, најавува едно подобро утре, најавува нови почетоци, најавува пролет! На овој начин ги поздравија присутните водителките Јана Врџовска, Марија Најдовска, Јана Китановска на настанот кој се одржа во Офицерски дом.
На настанот со едноминутно молчење им се оддаде почит на жртвите и настраданите во трагедијата која се случи во Кочани.
Претседавачот на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво м-р Жанета Ристевска се обрати кон присутните:
-Најпрво ја поздравувам иницијативата која беше поддржана од голем број на личности да се направи еден ваков посебен и несекојдневен уметнички перформанс проткаен со огромен труд, мотивација и придонес за подобро утре на оние најважните на овој свет – децата. Ги поздравувам сите оние кои се дел од организизацијата и реализацијата на денешниот настан меѓу кои се членовите на Советот за детско престапништво при Општина Битола, членовите на Центарот за помош и поддршка на деца и лица со попреченост ,, Сложувалка Срце” на чело со претседателот Сузана Станоевска, како и директорот на Културно информативниот центар Благојче Божиновски. Целиот настан е поддржан од Општина Битола.
Целта на оваа изложба е преку уметноста како една величенствена гранка на културата децата да се стимулираат своето слободно време да го искористуваат градејќи и правејќи креативни и трајни дела и на тој начин да се воздигнуваат нивните способности кои во себе ги кријат и да се развива и поддржува нивниот талент. Така, на неосетлив, но доста траен начин се извршува и превенцијата од тоа децата како најранлива категорија во едно општество да западнат во некаква замка и да бидат жртва на детското престапништво како општествена појава.
Пред почетокот на настанот и уживањето во магијата на уметничкиот перформанс свечено ќе бидат врачени благодарници на сите оние кои со својата несебична работа се заслужни сето ова да биде успешно реализирано.
Благодарници им беа врачени на Благојче Божиновски директор на КИЦ Битола, м-р Марија Шамоска Буџаковска од Државното музичко училиште, на менторите Лидија Павловска од ОУ „Коле Канински“ и Душан Шешиќ од Основно училиште и ресурсен центар Кочо Рацин.
На настанот се обрати и Ивана Карајанова, специјален едукатор и рехабилитатор, која изјави:
-Во име на мојата професија во која водечка сила и мотив за создавање на едно подобро утре се токму децата со посебни потреби ќе кажам дека овој настан претставува едно огромно уметничко дело, уметност наречена “ИНКЛУЗИЈА“. Задоволство, чест и огромна одговорност ни беше како членови на Центарот за поддршка и помош на деца и лица со попреченост “Сложувалка Срце“ да бидеме поддржувачи и активни соработници во овој уметнички перформанс кој е првенец и уникатен настан на нашиве простори, па и пошироко и што максимално дадовме огромен труд, љубов и мотивираност истиот да прерасне од идеја до реализација. Ова е доказ дека за уметност е потребно само срце! Лицата со посебни потреби слушаат со срце, гледаат со срце, сликаат со срце и сакаат со срце!
Лидија Павловска од ОУ “Коле Канински“ Битола за учеството на овој несекојдневен настан рече:
-Кога добивме покана од страна на претседавачот на Советот за престапништво, Жанета Ристевска, да бидеме дел од еден ваков несекојдневен уметнички перформанс без размислување и со огромен ентузијазам прифативме и веднаш се фативме за работа. Првачињата од ОУ “Коле Канински“ под мое менторство и со несебична поддршка од родителите несомнено уживаа во целиот процес на изработка на уметничките дела, се соживеаја со улогите, научија многу работи за уметноста и врвните светски уметници, ја канализираа својата детска енергија и својот неуморен детски дух на правилен начин. А, најважно од се преку големината и величината на уметноста го научија она најважното, животна лекција за еднаквоста, дека сите се само деца под ова небо и секоја детска насмевка е иста, бесценета!
Со што би била придружувана една изложба ако не со класичната музика како најверен пријател на сликарството… Волшебни мелодии изведуваа ученици од Државното музичко училиште.
Талентираната Анастасија Стерјева се претстави со своја мелодоја на клавир.
-Уметноста го разубавува животот. Му дава шаренило, го нијансира со тонови на живост,
топлина и светлина. Од тука секој ќе замине со виножито кое му го бои срцето со надеж
за подобра иднина. Кажаа на крај водителките на настанот.
Фото: Дамијана Ристевска










