Press "Enter" to skip to content

“Света саможртва за Македонија“ – нов драмски текст на Зоран Пејковски

Деновиве, а по повод 120-годишнината од смртта на големиот македонски револуционер и војвода Христо Узунов, од печат излезе драмскиот текст „Света саможртва за Македонија“ на Зоран Пејковски од Битола – трагедија во 18 сцени со пролог и епилог во која преку брзи и динамични сцени се отсликува краткиот живот на револуционерот и војвода Христо Узунов, кој напуштајќи го земскиот свет, станува, не само херој, туку и светител на Македонското револуционерно движење и Македонската револуционерна борба.

Рецензенти се проф.д-р Димитар Пандев, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова и м-р Катерина Момева, издавач е една од најдобрите македонски издавачки куќи ПНВ-публикации од Скопје.

За Христо Узунов, како што и самиот автор ќе напомене во своето „Обраќање кон публиката“ дека: „Историографијата ќе забележи дека тој како прв човек на востаничкото раководство на Охридскиот реон, а потоа и на Битолскиот, чувствувал голема грижа за сите Македонци кои останале доследни на заветот и каузата за Македонија…., станува еден од столбовите на Македонското револуционерно движење. Задоен со чист македонизам и патриотизам нему не му останува ништо друго освен светата саможртва за Македонија…. Тој докажува и пред себе, но и пред македонскиот народ дека и светоста ја заслужува со достојност и почит. Неговите мигови на безизлез докажуваат дека тој не бил кукавица, туку борец за правдољубие и чест, така што и кога било најтешко, тој заедно делејќи ја болката со Македонците останува со својот народ, давајќи им безусловна љубов, и на Македонија и на Македонците, борејќи се пред сè за нив како силен показател дека ослободувањето на Македонија мора да се движи во континуитет….

Христо Узунов будејќи им го чувството на восклик на умот и желбата за самостојна Македонија, ни покажува дека треба како вистински фанатици да се посветиме кон македонската револуционерна борба, покажувајќи и докажувајќи ни дека во секој од нас Македонија треба да ни биде една и единствена кауза. Делата за Македонија треба да се продолжат“…

Во својата рецензија, проф. д-р Димитар Пандев ќе напомене:..

„Еве ни ја најпосле приказната за легендарниот Христо Узунов, војводата, – преточена и во драмска форма, што ќе рече, во најоживеаната од сите книжевни форми, во онаа смисла што самиот текст веќе е подготвен за сценска изведба, и потем „Кузман капидан“ на Васил Иљоски, бездруго, таа би била една од најмасовните сценски претстави, што во современи услови се постигнува со мултимедијалност, а од другата страна на историјата на драмската уметност, повторно нѐ враќа кон старите сценски синкретични уметности во кои митот прераснува во легенда заснована врз трагичен настан. И тоа авторот Зоран Пејковски јасно и недвосмислено го истакнува, небаре не им остава ни малку здив да читателите и/или гледачите да се посомневаат во неговиот пристап кон драмското дејство.

Зоран Пејковски останува верен на својот изразито натуралистички пристап кон драмското дејство, му останува верен и на Прличевото пеење, не се оддалечува ни од народниот „македонски стих и напев“, не му се туѓи и „темните кажувања“ на свидетелите на погромите низ кои се разбиструвала вистината за македонското револуционерно дело и станувала легенда приказната за Христо Узунов.

Рецензентката проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, за трагедијата „Света саможртва за Македонија“ меѓудругото ќе напише:

„Света саможртва за Македонија“ е книжевно – историско и уметничко претставување на историјата. Имено, во драмскиот текст „Света саможртва за Македонија“ на македонскиот писател Зоран Пејковски, кој е посветен на големиот македонски борец и војвода Христо Узунов (1878 – 1905), видливо е Прличевото влијание, не само како близок роднина, тетин
на Христо Узунов, туку и како ненадминато перо, особено во пишувањето на поеми! Така и овој драмски текст на Пејковски е напишан како соодветна поема со историско-јуначки карактер…. Тоа значи дека темата и идејата се јасни – борбата на Македонецот под османлиска власт за слобода, олицетворена во Македонската револуционерна организација (1893), односно Тајната Македонско – Одринска револуционерна организација (ТМОРО, 1896) и нејзиниот војводски кадар.

More from КултураMore posts in Култура »