Текст и фото: Дамијана Ристевска
Претставата “Експериментум Македоникум“ која беше изведена по повод 80 години настава на македонски јазик во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола . Талентираната Веда Мавровска ученичка во трета година во Гимназијата ја воодушеви публиката со своето пеење, актерство, а се јави и како режисер заедно со своите ментори. Тоа и беше повод за нашиот разговор низ кој таа зборува за љубовта кон театарот, музиката, актерството…
За себе…
-Љубовта кон театарот отсекогаш сум ја имала. Јас пораснав во театар покрај моите родители кои се актери во Народен Театар – Битола. Уште од најмала возраст гледав детски претстави во театар, на фестивали, одев на сите проби на детските претстави на Театар Бабец. Дома многу често наместо цртани гледав снимки од претставите на мојот прадедо Петар Стојковски Бабец. Особено најомилени ми беа Хајди и Пинокио. Потоа со отворањето на Театарската Школа Бабец за прв пат стапнав на сцена. Од тогаш кога за прв пат ја доживеав еуфоријата и слатката трема да се биде на сцена, знаев дека за мене не постои друг избор. Театарот стана дел од мене. Покрај љубовта за театарот ми се роди и љубовта кон музиката, свирењето а особено пеењето.
Кажи ни за себе од која возраст пројави интерес за музика, глума, пеење…
-Во прво одделение се запишав во Државното Музичко училиште во Битола каде одев до деветто одделение. Навистина многу ми помогнаа тие девет години. Со тие девет години во музичкото училиште и искуството од театарската школа, сватив дека најомилена форма на театар ми се мјузиклите. Се надевам дека ќе се запишам на Факултетот за Драмска уматност ФДУ во Скопје, и дека некогаш ќе ја имам честа да стапнам на големите сцени каде се изведувале култни театарски претстави и мјузикли.
Во претставата “Експериментум Македоникум” глумеше и пееше и се појави како режисер…
-На почетокот не беше во план дека ќе бидам режисер на претставата „Експериментум Македоникум“. Кога почнавме со читачки проби немавме точна замисла како текстот ќе и го претставиме на публиката. Текстот се состои од најважната македонска поеизја со тешки и емотивни стихови.
За идејата на претставата…
-На почетокот ни беше тешко да сватиме што точно значат тие стихови но, после неколку проби и долги разговори со професорките Даниела и Симона кои детално збор по збор ни објаснија за што се зборува во текстот и за која порака сакаме да и ја испратиме на публиката, идеите почнаа сами по себе да доаѓаат. Им предложив неколку идеи на професорките, им кажав како јас го гледам и слушам текстот. Ми дадоа простор да поставам една сцена, односно да им ја покажам замислата. Потоа почнав да добивам уште еден куп идеи и двете професорки со максимална доверба ми ја дадоа улогата на режисер. Веќе кога имавме неколку поставени сцени почнавме сите од екипата да се охрабруваме едни со други, да зборуваме за текстот, за како сакаме да и го прикажеме на публиката. Исто така од голема помош ни беа и музичарите. Со тоа што имавме музика во живо мислам дека успеавме максимално да ја покажеме емоцијата која ја чувствуваме, емоцијата која ја носеа стиховите во текстот.
Колку беше тешко да се подготвува претставата?
-Беше долг и тежок процес, но ентузијазмот на целата екипа ја олесни работата. Иако при крајот кога веќе почна да владее тремата и атмосферата беше напната, сепак со љубовта кон нештото што го правевме не почуствувавме никаков притисок. Поддршката на професорките Даниела и Симона и на режисерката Софија беа клучот на добрата реализација на овој проект. Претставата беше многу добро пречекана од побликата со долг аплауз како ја доживеа.

Како ја доживеа…
-Откако заврши претставата и дојде моментот да се соочам со публиката чувствував најмногу трема. Но кога застанав пред нив и се поклонив, го слушнав аплаузот и ги видов насмевките бев максимално исполнета и среќна. Секој аплауз се повеќе и повеќе ми покажува дека вреди да се занимавам со театар и вреди мојата љубов кон тетарот во било која форма да ја преставам пред публиката. Громогласниот аплауз на 6ти февруари беше црешата на шлагот.
Идни планови…
-Сега единствен план и желба за во иднина е да се запишам на Факултет за Драмски уметност ФДУ. Би сакала да станам професионална актерка а потоа можеби и режисер. А за после тоа незнам, ќе покаже времето.
Омилени твои актери (актер/ка)…
Најомилени актери ми се оние кои ме запознаа со театарот, односно моите мајка и татко. Нивната уметност и мајсторија во актерството вечно ќе ми бидат инспирација. Потоа имам многу на кои им се восхитувам и би извлекла од нив различни способности кои би сакала да ги имам и да ги искористам на сцената. Од светстката сцена најомилен актер ми е Gary Oldman.
Омилена претстава ми е „Кокошка“ од Николај Кољада во режија на Марјан Ѓорѓиевски која е моментално актуелна претстава во Народен Театар Битола. Тоа е руска комедија и навидум лесна претстава, но за еден актер мислам е голем предизвик. Затоа ми е најомилена.
Омилен филм…
Најомилен филм ми е „What’s eating Gilbert Grape“, филм направен во 1993 година од шведски режисер Lasse Hallstrom. Има безвременска тематика, личната борба да се направи правилниот избор, во овој случај изборот меѓу обрвската кон семејството и љубовта. Можам да го изгледам уште многупати и пак да бидам восхитена од приказната и актерите во филмот. 
Кое твое хоби…
Моето хоби е боење. Секогаш кога ми треба да се релаксирам си пуштам музика и си ја земам боенката и фломастерите. Така можам да седам со денови без да ми се здосади.








