Ако до сега Битола имала свои атлетски херои на кратки и средни должини од пред некој ден има и нов маратонец, Даниело Божиновски, кој пред една недела во Виена, Австрија, го истрча свој прв маратон со време 3 часа и 28 минути, а тоа е одлично време за прв маратон на еден маратонец – рекреативец.
Онака како и што се подготвуваше, тивко и неприметно, Даниело така се однесува и по одличниот резултат, а не беше лесно и да се наговори на разговор за “Битолањуз“.
-Постоеше идејата за голем маратон бидејќи имам истрчано десетина официјални полумаратони, а неофицијални како тренинг на таа дистанца од двесетина километри, а и пократки дистанци имам истрчано многу, сигурно на педесетина и повеќе. Низ цело тоа време гледав дека не ме “зситува“ таа должина и сакав нешто повеќе. Од секогаш во мене тлеше таа желба да се истрча таа магична должина од 42 и нешто километри, кога тогаш, и ете тоа се случи пред некој ден во неделата, на 6 април 2025 година – започна да се “отвара“ Даниело за неговиот огромен подвиг, за кој тој упорно вели дека не е нешто којнае што.
Даниело Божиновски отсекогаш се занимавал со спорт, а својата професионална кариера покрај правото ја одржува и со спортска, интернационален ракометен судија, а декември минатата година ја донесува одлуката да трча, а не да се трка на маратон. Си дава рок април-мај да трча маратон и ги започнува подготовките, за кои вели:
-Се одлучив за Виена, бидејќи маратонската патека е историска, таа е патеката каде Елиуд Кипчоге во октомври 2019 го поставинаправи дотогаш невозможното, истрча маратон за 1 час и 59 минути и со тоа се запиша во историјата како прв човек на планетата кој истрчал маратон под два часа. Тоа за мене имаше голема симболика да го направам дотогаш за мене невозможното, Виена да биде мојот прв маратон. Се пријавив еуфорично, и по два дена кога посериозно ја разгледав програмата, колку треба напор и тренинг, првата моја внатрешна реакција беше, малку да не се пресметав и преценив. Но немаше враќање и започнаа подготовките, а идејата да се успее беше присутна, а го поставив лимитот времето да биде околу четири часа, што е добро време за еден почетник маратонец кој со тоа се занимава рекреативно, вели Божиновски, кој за подготовките од тогаш до 6 април додава:
-Имав од пет до шест тренинзи неделно, но беше тешко да се стигне до таа бројка поради ракометот затоа што често патувам на судење на меѓународни натпревари, а токму во тој период има најмногу натпревари. Со себе носев патики за тренинг, па така наутро трчав по 15 километри низ некои од европските градови, а попладнето судев натпревар. Беше навистина мачно да се стигне насекаде, патувања, натпревари, професионални обврски. Посебно беше тешко во текот на јануари кога поради снегот, студот и загадениот воздух мораше да се тренира и тоа беа базните подготовки за маратонот. Три четири седмици јас наместо “лонг ран“ подготовки на отворено имав по 3 часа и половина трчање на трака. Заглавен на трака, во теретана, ги имав најтешките трчања во однос на замарање, трчаш на исто место, гледаш во иста точка и само го слушаш звукот од траката, кој те “убива“, а тоа беше и психички проблем тоа да се издржи, но и тоа се издржа.
По “базните“ подготовки кои одлично ги поднесува Божиновски си задава и нова цел, пократко време, пократко за 15 минути.
-Таа беше новата цел, иако “Гармин“ програмата ми предвиде по сите параметри дека предвиденото време е 3 часа и 7 минути. Но, како секој Македонец, полн со сомнеж јас не му верував на часовникот, и се одлучив времето да биде 3 часа и 45 минути па со тоа време тргнав за Виена.
За последната, клучна седмица, пред маратонот Божиновски вели:
-Семицата пред маратонот ми беше пеколна, неделата возев за Солун, понеделникот летав за Франција судев осмимафинале на Европската лига, Тулуз – Луцерн, во вторник беше натпреварот, средата за Битола патував до полноќ, а тоа беше три дена многу лошо спиење и никаков одмор. Во четвртокот само се препакував, во петок рано заминав за Виена, каде стигнав во 10 часот. Петокот морав да го поминам со пријатели, а во хотел се сместив во 22 часот. Саботата беше ден за одмор. Плус на тоа беше и промената на времето, на денот на маратонот во Виена беше -2 наутро со силен ветар и без сонце, а опремата ми беше за пролетно-летно трчање.
За самиот маратон Божиновски, како го истрчал и како ги поминал тие 42 километри вели:
-По стартот почнав да го пратам зацртаното време 3 и 45. По 3-4 километри осетив дека можам повеќе и го спуштив километарот под 5 минути, накаде на 4 и 57 секунди. И тука имаше простор за малку поголема брзина, но не е осмелив да засилам, бидејќи тоа беше мој прв маратон, сепак сум на 10 километри, ми остануваат уште 32 и не тргнав на ризик. Кога поминав половина маратон бев убеден дека ќе успеам и под 3ч:30мин па како одминуваа километрите го одржував времето. На целта не влегов уморен и девастиран, туку нормално како да се завршило друго долго трчање. Бев сам на патувањето, сам на маратонот, без со никој да ја “делам“ маката и радоста. Маратонот е сериозна работа и не би прифатил некој да биде со мене, како и што вообичаено правам на планина каде што сам одлучувам, а и на натпреварите кога во секунда ја носам судиската одлука, па и за црвен и син картон како најстрога казна.
Божиновски нагласува дека трчал маратон, а не се тркал на маратон, па тој вели дека само го истрчал, но додава дека можел и побрзо но не жали, верува дека во иднина тоа ќе го подобри.
Божиновски на својот профил на социјалните мрежи напиша:
-Трчањето маратон бара храброст, издржливост и решителност и, пред сè, тоа е триумф на волјата над разумот и причината.
-На кој да му кажеш дека трчаш 42 километри, веднаш наидуваш на контра размислување, што бараш, што ти дојде, не е можно – јас со велосипед не можам да ги поминам, а плус и плаќаш, ти си будала… Ретко кој би ме поддржал и затоа не кажував, а за ова знаеја само некои пријатели, од кои имав реална поддршка и од кои некои ме дружеа па и со велосипед на тренинзите. На крајот се случи и мислам дека уште годинава ќе се повтори, за да си докажам дека можам подобро. Сега можеби нема да го трчам маратонот, туку ќе се тркам на маратон.
Даниело е среќен, ја постигна својата цел, ја “бркаше“ патеката, го “бркаше“ времето и го стигна, помина 3 и пол часа низ улиците на Виена, имаше интеракција со публиката, некои, непознати, се израдуваа на неговото завршување на маратонот, го изгушкаа, а како вели се било симпатично.
Но, секојдневно Даниело стига насекаде. Тој покрај што е меѓународен ракометен судија каде имаше 9 континентални натпреаври каде им судеше на Кил, Монпелје, на Француската и Португалската репрезентација тој суди и домашно првенство во ракомет, а го гледаме како му суди со својот колега Начевски и на Еуерофарм Пелистер. Судеше и финале на Интерконтинталне куп. Работи на проекти финансирани од Европската комисија во Италијанска организација од 2021 година кои се поврзани со остварувањето на основните човекови права.
Сашо Ристевски








