Press "Enter" to skip to content

Вековната традиција продолжува, Лазарева сабота се уште се празнува во Буково кај Битола (фото)

Во селото Буково, кај Битола празникот Лазарева сабота, се уште се почитува и празнува, а тоа се повтори по кој знае по кој во оваа 2025 година, Господова. По тој повод девојчињата се облекуваат во селска носија, која своевремено се сметала за свечена, изработена со повеќе детали и везови.–Речиси секоја фамилија чува по една или повеќе селски носии, за да ги остави во наследство на помладите. Носијата е составена од фута (престилка), долама (елек), кошула (бел, ткаен фустан), појас и грло и други детали, цветови, бисери како украс, вели Елизабета Каровска, претседател на здружението “Президиум“ од Буково, која и сама како дете била дел од оваа вековна традиција, и додава:

-Косите ги плетеле во плетенка. Девојчињата, одат од куќа во куќа, каде пеат наменски песни, по желба на домаќинот, на пример за мало дете, за млада невеста, млада девојка, ерген и слично.Една од најпознатите песни е Димо, црвено јаболко,

Каде си везден шетало (х2)
Везден те мајка барала,(х2)
По твој другари прашвала, (х2)
Дал го видовте Димуша,(х2)
Видовме што го видовме,(х2)
Долу в зелени ливаѓе,(х2)
Секакво цвеќе береше,(х2)
На млади моми даваше,(х2)
На млади моми лазарки….(х2).Интересно е што, наместо на Лазарева сабота, оваа традиција се одржува на празникот Цветници во недела.

Се смета дека оваа традиција постои повеќе од 150 години и се негува се уште, а на годинашното одбележувања на Цветници најмала учесничка беше Антонија.

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »