Гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битоала беше домаќин на 1 ученици и тројца наставници од Средното стручно училиште “Тома Песке” од градот Кутанс, од областа Нормандија, Република Франција. Оваа традиционална размена трае непрекинато веќе десет години. Покрај богатата и разновидна програма за запознавање на Битола и државата, учениците работат на заедничка,најчесто историска тема, што ги поврзува Франција и Македонија, а тоа се остварува преку различни форми на изразување.
Во фокусот на годинешната размена беше подготовка на документарен краток филм, изработен од учениците, а поврзан со споменот на загинатите француски војници од Кутанс, погребани на Француските воени гробишта во Битола.
Исто така дел од оваа размена е и потсетување на страдањето на локалното население и на младите војници, кои ги оставиле своите животи на тлото на Македонија. По тој повод беше организиран и свечен меморијален настан на Француските воени гробишта во Битола, каде учениците имаа можност непосредно да се соочат со последиците од војната.
На настанот присуствуваа и претставници од Француската амбасада, военото аташе, првиот секретар и почесната конзулка,но и претставници на Француските меморијални и ветерански здруженија.
Во основата на оваа исклучително квалитетна размена е иницијативата и ентузијазмот на двајцата професори, Емануел Леплуме и Иљо Трајковски. Таа е поддржана од двете училишта, потоа од општините Кутанс, Битола и Новаци, со финансиска поддршка за учениците од Битола од Францускиот институт од Скопје , секако и со поддршка од Францускиот конзулат и Француската алијанса од нашиот град.
Размената е прекрасна можност меѓусебно запознавање, поврзување, за убави дружби, создавање нови пријателства. И, во истиот тој дух , таа продолжува со возвратна посета на нашите гимназијалци кои веќе на 16 април поаѓаат во посета на нивните пријатели од Нормандија. А имаше и едно интересно еднодневно патување. Ученици од шесто, седмо и осмо одделение од ООУ Св. Климент Охридски, ООУ “Стив Наумов, ООУ” Гоце Делчев” на 9 април настапуваа на националната франкофонска вечер во Св. Николе, организирана од Фондацијата Бел Идеал. Со своето присуство им укажа чест и претседателката, г-ѓа Гордана Силјановска Дафкова,како и Францускиот Амбасадор НЕ Кристоф Ле Риголер.
Малите франкофони, водени од наставничките Каролина Потел Златевска и Христина Мицевска истиот ден го посетија и Францускиот Институт во Скопје. Немаше само песна ,игра и забава.Ученици од основните училишта и гимназијата Јосип Броз Тито од Битола, се натпреваруваа со своите врсници од земјата на Олимпијадата што на 11 април се одржа во Скопје. И, резултатите не изостанаа. Покажаа дека успешно го совладуваат јазикот и се вратија со освоени вредни награди.
Франкофонската пролет овдека не завршува.Следи отворањето на Џез фабрика фестивалот на 17 април со традиционален настап на француски музичар и, оваа година, публиката ќе може да ужива во концертот на виртуозниот џез пијанист Лоран Кулондр. Одложените активности, ликовната работилница, премиерната француска филмска вечер,како и гастрономската вечер ќе се реализираат на крајот на месец мај и на почеток на јуни. А за 30 мај, за книжевните сладокусци го најавуваме и гостувањето на проф д-р Владимир Мартиновски.
Една убава пролет, обоена со боите на франкофонијата, со настани,активности и случувања за сите вкусови, за сите возрасти.






