Press "Enter" to skip to content

Убедлив пораз на Пелистер во вториот меч со Работнички

Работнички – Пелистер 79:50 (2:0)

Кошаркарите на Пелистер од Битола вечерва во Скопје загубија со 79:50 на гостувањето против Работнички и веќе имаат негатива од 0:2 во серијата што се игра до три добиени натпревари. „Зелено-белите“ вечерва тотално потфрлија, одиграа катастрофално во нападот, недостигаше и енергија и карактер, што придонесе на крајот да се претрпи еден од најубедливите порази во поновата историја на нашиот клуб.

Мечот го почнавме добро, преку Мишковиќ и Костоски набрзина поведовме со 0-5, потоа имавме и 2-8 и 5-10, но како што одминуваше времето се потешко наоѓавме начин за реализација против цврстата одбрана на противникот. Во последните пет минути од првата четвртина Пелистер постигна само три поени, завршувајќи го овој дел од мечот со негатива од 19:13. Само за момент избраниците на Трајковиќ се приближија на два поени негатива (27:25), по што следеше нова серија на домаќините и заминување на одмор со девет поени негатива (42:34).

Третата четвртина донесе апсолутна немоќ, Пелистер за десет минути постигна само пет поени (19:5) и практично ги загуби сите шанси за камбек, по што домаќинот рутински ги исконтролира последните десет минути од мечот и славеше со конечни 79-50.

Мишковиќ и Галовеј со по 13 поени беа најефикасни во таборот на Пелистер, Гамбрел реализираше шест, а Костоски и Лука Стојановски по пет поени.

Третиот меч од оваа четвртфинална серија ќе се игра во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, меч што Пелистер мора да го добие ако сака да остане во игра за борба за полуфиналето.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »