Двата пораза во Скопје од тимот на Работнички придонесоа да дојде до смена на кормилото на КК Пелистер, па по заминувањето на Ненад Трајковиќ улогата на предводник до крајот на сезонава ќе му припадне на Дејан Илиевски. Овој битолски стратег со години е дел од КК Пелистер, а сега ќе добие можност и како предводник на стручниот штаб да го разбуди заспаниот тим кој дефинитивно може да игра многу подобро од она што досега го прикажа во овој плејоф.
„Секако дека за мене е чест што ќе бидам шеф на стручниот штаб на Пелистер најпрвин на утрешниот, а се надевам на победа, па и на наредните натпревари. Го имам водено Пелистер на неколку средби во кои тогашниот тренер Марјан Илиевски поради болест не можеше да биде со тимот, така што имам и ваков вид на искуство, заедно со бројните натпревари во овој стручен штаб, но и како самостоен тренер во младинската и во кадетската конкуренција. Честа е голема, но и обврската, ќе сторам се за да ја оправдам довербата и верувам дека можеме до победа утре, со што би си го намалиле притисокот и би можеле да влеземе уште поквалитетно во идните натпревари“, вели Илиевски.
Третиот натпревар од четвртфиналната серија со Работнички на програмата е утре (среда, 19 часот), а управата на Пелистер донесе одлука влезот за овој натпревар да биде бесплатен. Целта е јасна – трибините на салата „Боро Чурлевски“ да бидат што поисполнети, затоа што „пелистерци“ веќе имаат докажано дека со поддршката на своите верни фанови можат да го совладаат секој противник.
„Секако дека веруваме во камбек, тоа е составен дел од спортот, а кога играте дома, пред навивачи како нашите, нормално дека очекувате да победите. Работнички е тим што поседува квалитет, ривал што го почитувам, но верувам дека ако одиграме во рамките на нашите можности ќе славиме в среда. Резултатот е 0-2, но ние не гледаме далеку, фокусирани сме само на утрешниот натпревар, да славиме и да ја преполовиме негативата, потоа ќе мислиме на се што ќе следи“, порачува новиот тренер на „пелистерци“.
Тој верува во квалитетите што ги поседува овој тим на Пелистер, а како клучна потенцира една работа.
„Никако не смее да ни се случи да се предадеме среде натпревар, како што тоа беше случај на последниот дуел во Скопје. На првиот меч имавме 7-8 поени негатива, но се вративме и на две минути до крајот имавме и предност. На вториот дуел беше сосема спротивно, штом противникот дојде до десетина поени ние престанавме да играме, што е недозволиво. Јас верувам во мојот тим, знам дека поседува квалитет, а клучно ќе биде да се покаже карактер и желба за победа. Тоа, заедно со поддршката од трибините, утре може да ни го донесе резултатот што сите заедно го посакуваме“, оптимист е Илиевски.








