Press "Enter" to skip to content

Антоан: со игра како во Битола и со 40 минути борба – ќе славиме и на мајсторката во Скопје

Кошаркарите на Пелистер конечно почнаа да играат во рамките на квалитетот и  потенцијалот што го поседуваат, со две импресивни изданија и убедливи победи враќајќи се до 2:2 во четвртфиналната серија со Работнички.

„Зелено-белите“ делуваат одлично под водство на новиот тренер Дејан Илиевски, а двете одлични победи во Битола се најава за неизвесен дуел и на мајсторката што е на програмата утре во 19 часот во Скопје.

-Она што е клучно што се промени – тоа е нашата енергија на теренот. Играме навистина борбено, се покриваме еден со друг во одбраната, несебични сме во нападот. Сето тоа даде резултат на двете средби во Битола, одлично беше да се слави така убедливо против Работнички, но знаеме дека ништо не е готово“, изјави Брајан Антоан, американскиот бек кој игра во одлична форма за „зелено-белите“.

-Пелистер ги загуби претходните две средби во Скопје и нема сомнеж дека Работнички ќе настојува да го одбрани домашниот терен, но „пелистерци“ се подготвени со брејк да стигнат до билет за полуфиналето. Секако, самодовербата од овие две победи ќе ни помогне подобро да влеземе во мајсторката. Сепак, мораме и да останеме фокусирани 40 минути, бидејќи тоа е клучот, да одиграме квалитетен меч без осцилации. Ако играме како на последните два меча во Битола и ако се бориме од почеток до крај, верувам дека ќе се радуваме на крајот, оптимист е Антоан.