Општина Битола, како единствен акционер на клубот, денес одржа собрание на акционери, постави нов борд на директори и одлучи раководечката структура на клубот да им биде доверена на луѓе од самата Општина.
Нов генерален извршен директор на ФК Пелистер АД е Александар Стефановски, кој е дел од одделението за јавни дејности и директно вклучен во областа спорт при Општина Битола.
Ми причинува задоволство што ми е доверен овој нов почеток на клубот. Наскоро ќе го промовираме новиот тренер, кој ќе добие поголеми ингеренции и околу спортската структура на клубот. Веруваме дека ФК Пелистер АД е на вистински пат и ќе го продолжи развојот, рече Александар Стефановски.
Димитар Капинковски по пауза од четири години одново ќе седне на клупата на фудбалскиот клуб Пелистер, а претходно во првиот мандат ја водеше екипата на 33 натпревари. Капинковски на клупата на Пелистер доаѓа на местото на Срѓан Захариевски. Капинковски ја водеше и прилепска Победа, а на меѓународна сцена имаше одлични успеси со тимот на Самтредиа од Грузија.
Технички директор на клубот останува Сашо Здравевски, а нов координатор на младинската школа ќе биде Марјан Секуловски.











