Најмладиот тим во Суперлигата за сезоната 2025/26, Еурофарм Пелистер 2 од Битола го комплетира ростерот со кој ќе игра натпревари за бодови од септември годинава. Еден дел од тимот ќе бидат момци кои се дел од младинската екипа, која го освои четвртото место во првото издание на младинската Лига на шампиони.
Голманот Мелин Фехми и левиот бек Алдин Фехми се обврзаа на договор до јуни 2029 година со Еурофарм Пелистер 2. 16-годишниот Мелин и 18-годишниот Алдин се веќе неколку години дел од семејството Еурофарм Пелистер. Овие момчиња се родени во Кичево, но во Битола добија шанса да играат ракомет на највисоко ниво за нивната возраст и истата ја искористија. Со Мелин и Алдин во тимот, младинската екипа на Еурофарм Пелистер го освои четвртото место во првото издание на младинската Лига на шампиони. Двата браќа Фехми уште од следната недела ќе му се стават на располагање на тренерот Александар Зарков и неговиот стручен штаб во подготовките за суперлигашката сезона на Еурофарм Пелистер 2.
Четиригодишен договор со клубот потпиша и кружниот напаѓач Иван Велески. Ова 17-годишно момче го потпиша првиот професионален договор со својот матичен клуб и од крајот на овој месец ќе му се стави на располагање на стручниот штаб на почетокот на подготовките. Се работи за корпулентно момче, високо 190 сантиметри, кој се истакна во младинскиот шампионат на Македонија и на меѓународна сцена и сега првпат ќе добие шанса во сениорскиот ракомет.









