На 26 август 2025 година, во Битола со почеток од 9,30 минути, во просториите на „Пионерски – Книга бар“, ќе се одржи Меѓународната завршна конференција на Еразмус+ проектот „ИнКултура – Поттикнување социјална иновација и претприемништво во меѓукултурен и меѓурелигиски контекст“.
Конференцијата ќе обедини едукатори, истражувачи, претставници на јавни институции, организации и здруженија од Македонија и Европа, со цел да се споделат резултатите и искуствата од двегодишната имплементација на проектот.
Проектот „ИнКултура“ разви иновативни наставни модули и дигитални ресурси за едукатори и возрасни ученици, со кои се поттикнуваат дијалог, инклузија и социјална кохезија во мултикултурни и мултирелигиски заедници. Овие материјали се наменети да останат достапни како Отворени образовни ресурси (OER), обезбедувајќи долгорочна одржливост и широка примена во Европа и пошироко.
Посебен акцент на конференцијата ќе биде ставен на успешните практики за промоција на социјалната иновација и претприемништво во образованието на возрасните, како и на улогата на едукаторите во градењето поинклузивни и поотпорни заедници.
Со настанот, Битола уште еднаш ќе го потврди својот статус на крстопат на култури и религии, град кој ја симболизира суштината на проектот – градење мостови меѓу различностите преку образование и соработка.






