Пелистер од Битола и Шкупи од Скопје денес во рамките на 3. коло од Првата фудбалска лига на Македонија, се борат за првенствени бодови во Кавадарци, а “домаќин“ ќе биде екипата од Битола, Пелистер. Оптимизмот кај “пелистерци“ посебно по победата во Струмица оправдано е голем.
Тренерот на Пелистер, Димитар Капинковск, пред денешниот натпревар вели:
-Ние дефиниравме дека на секој натпревар ќе одиме на победа, а за тоа да се случи потребно е да бидеме на максимумот од своите можности. Имаме нова екипа што расте и се надградува, но знаеме што сакаме. Шкупи е тим кој не можевме да го гледаме минатата седмица, има нови играчи, па затоа се фокусираме на себе. Темелно се подготвуваме, ме радува што нападот профункционира во Струмица, имавме неколку изгледни шанси и два гола, беа изградени акции и тоа она што повторно ќе се обидеме да го оствариме.
Овој натпревар требаше да биде прв на домашен терен во Битола, а оваа одлука да се игра во Кавадарци е донесена како грижа за теренот во Битола, каде што во текот на септември селекцијата на Македонија до 21 година ќе биде домаќин на Италија во рамки од квалификациите за У21 Европското првенство во 2027 година.










