Денес во спортската сала “Јасмин“ во Каадарци, на неутрален терен, започнува новата сезона во македонскиот ракомет со Суперкупот на Македонија, каде ќе играат Еурофарм Пелистер од Битола и Вардар.
На последниот тренинг пред заминувањето во Кавадарци пред новинарите зборуваше тренерот Рубен Гарабаја, кој рече:
-Никогаш не сте целосно подготвени, бидејќи за време на сезоната постојано напредувате и учите. Мислам дека имавме добра претсезона и најважно е што немавме сериозни повреди. Тоа што се случи се до денес – веќе не е важно. Вистинското натпреварување почнува со Суперкупот и ќе видиме поинакви тимови. Ќе видеме поинаков Вардар и сигурно поинаков Еурофарм Пелистер. Се надевам дека нашиот тим ќе биде уште подобар за разлика од подготовките. Мојата идеја е дека секој играч ми треба за секој натпревар, а не за цела сезона. Сакам да го користиме секој ракометар на секој натпревар, бидејќи сакаме да играме силно темпо. Имаме добри играчи на сите позиции и ги имаме по двајца или тројца по позиција. Се надевам дека тоа ќе го искористиме.
Во име на Еурофарм Пелистер, пред дуелот во Суперкупот на Македонија против Вардар 1961 говореше Рудолф Хекберт, кој додаде:
-Многу сум задоволен тука во Битола, задоволен сум со клубот и градот. Соиграчите многу добро ме пречекаа и подготовките ги минавме одлично. Одигравме корисни пријателски натпревари и спремни сме за тоа што доаѓа. А сега доаѓа најдоброто. Мислам дека сме спремни за Суперкупот на Македонија против Вардар. Имаме многу натпревари пред нас, но ростерот е долг и квалитетен. Мислам дека сите можеме да придонесеме во успехот на колективот. Дојдов да помогнам во овој одличен тим и едвај чекам да почнат официјалните натпревари. За еден спортист дерби натпреварите се нешто посебно. За такви натпревари работиме, тренираме и се жртвуваме. Уште на пријателските натпревари проти Вардар видов дека нема ништо пријателско и мора да се игра сериозно. Едвај чекам да почне натпреварот.
Натпреварот во салата „Јасмин“ е закажан за 19 часот, а се очекува вистински ракометен спектакл, со две навивачки групи.










