Од 8 до 16 септември, македонската алпска скијачка Ева Милевска од Битола,ќленка на скијачкиот клуб Пелистер од Битола учествуваше на меѓународен тренинг камп за брзи дисциплини во Цермат, Швајцарија, организиран од страна на FIS по предлог на Скијачката федерација на Македонија.
Овој камп претставува исклучителна можност за подготовка на една од најпрестижните дисциплини во алпското скијање, спустот и супервелеслалом, на патеки кои се сметаат за најдобро подготвени во светот.
-По завршувањето на кампот, подготовките ги продолжувам во Италија, каде што се наоѓа и мојата скијачка база за снежни тренинзи. Таму ќе продолжам да работам со врвни италијански тренери кои, благодарение на своето искуство и долгогодишна традиција во брзите дисциплини, претставуваат клучна поддршка за мојот развој. Довербата и вложувањето на италијанските експерти имаат особено значење по бројните предизвици со се соочив во изминатиот период, ни рече Ева Милевска по вибер комуникација.
И покрај ограничената системска поддршка, резултатите и амбицијата на Ева претставуваат јасен сигнал дека и од Македонија може да произлезе натпреварувач во брзите дисциплини на највисоко ниво.
Претстојната сезона носи голем број FIS трки, а особено значаен е моментот на нејзиното прво планирано учество на Европа куп, важен исчекор за македонското алпско скијање и силна мотивација за идните генерации млади скијачи. Европа куп (FIS Alpine Ski Europa Cup) е второто најсилно натпреварување во алпско скијање во организација на Меѓународната скијачка федерација (FIS).
Натпреварите во Европа куп се одржуваат на високо ниво – на тешки патеки и со силна конкуренција, често со учество на млади скијачи кои се на пат кон Светскиот куп, но и на искусни натпреварувачи кои се обидуваат повторно да се вратат на врвот. Освојувањето бодови и добри резултати во Европа куп се клучни, бидејќи носат FIS поени, подобра стартна позиција, а најдобрите имаат и право на директен пласман во Светскиот куп.







