Денес во просториите на кошаркаскиот клуб Пелистер се одржа прес-конфетенција на која директорот Филип Ивановски, тренерот Борче Даскаловски и засослувањето Андреј Митревски зборуваа за ростерот, плановите и наредното меѓународно искуство, квалификациите за Лигата на шампионите.
Директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски, со нетрпение го очекува стартот на новата сезона во која „пелистерци“ за првпат во историјата ќе играат во едно европско натпреварување, но и ќе влезат со истите добро познати амбиции на домашната сцена – да освојат трофеј за кошаркарска Битола.
-Со оваа прес-конференција сакаме да ја најавиме новата сезона, во која влегуваме со промени во играчкиот кадар и во стручниот штаб. Би сакал да ја искористам оваа прилика да му се заблагодарам на новиот тренер Боро Даскаловски, кој ќе ја има нашата целосна поддршка. Ова е трета година од нашето преземање на клубот, среќни сме што растеме на резултатски план. Иако ланската сезона не мина најдобро на резултатски план, среќни сме и горди што растеме како клуб од година во година. Затоа и решивме и во новата сезона да одиме чекор напред, па за првпат во клупската историја ќе бидеме дел од европските купови, најпрвин со учество во квалификациите за Лигата на Шампионите, на 19 септември во Самоков. Дури и ако не ги минеме квалификациите продолжуваме понатаму и ќе играме во ФИБА Европскиот куп, имаме загарантирани ФИБА натпревари и историја – европски натпревари во нашиот град. Амбициите и за оваа сезона се на високо ниво, се надеваме дека ќе ја минеме групната фаза од ФИБА Европскиот куп (ако не ги минеме квалификациите за ЛШ), додека за домашнното првенство повторно ќе имаме високи цели, се надеваме дека годинава конечно ќе ја исполниме големата желба и ќе донесеме барем еден трофеј во Битола, изјави директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски.
Ивановски за соработката со Општина Битола и продолжување на платформата за развој додаде:
-Се уште не се почнати разговорите со Општина Битола за продолжување на соработката. Секако тоа треба да го направат градоначалникот во име на Општината и нашиот генерален спонзор компанијата “Таскфорс“. Се надеваме и очекуваме продолжување на соработката.
За нов тренер на Пелистер летово беше именуван Боро Даскаловски, искусниот стратег кој е убеден дека ќе го извлече максимумот од овој играчки ростер на „зелено-белите“. Даскаловски е свесен за притисокот што самата функција го носи, но верува дека „пелистерци“ ќе одговорат на предизвикот и ќе ги остварат резултатите што се очекуваат од нив.
-Сакам да се заблагодарам на раководството на клубот за укажаната доверба и големата одговорност, пред мене и моите играчи се големи очекувања бидејќи клубот постави високи стандарди. Пелистер за првпат ќе игра во Европа, ни помалку ни повеќе во квалификациите за Лигата на Шампионите, против екипа од италијанската елита – Реџо Емилија. Тоа е само предизвик плус за мене и за моите играчи за што подобро да ги претставиме клубот, градот и македонската кошарка. Ако се случи да бидеме елиминирани и играме квалификации за ФИБА Европскиот куп, верувам дека ќе имаме можност да оствариме добар резултат. Како што напомена директорот, целта за домашната сцена – целта е да се донесе еден трофеј. Ростерот е направен со шест странци, со квалитетот и нивото на играчи што може да ги донесете во Македонија, се надевам дека не само Пелистер, туку и сите други клубови во иднина ќе се пријавуваат за учество во европските натпреварувања, што ќе биде само плус за македонската кошарка. Можам да ветам квалитетна работа и борба, тоа што секогаш и секаде сум го правел, верувам дека успехот нема да изостане. Она што сакам да го гледам е атлетицизам и на двете страни од теренот, успеавме да донесеме таков тип на играчи, верувам дека ќе успееме да играме онака како што сакаме, но секако ќе ни треба малку време за да се воиграме бидејќи сепак се направени значителни промени во тимот“, истакна Даскаловски.
Управата на КК Пелистер заврши одлична работа успевајќи да го ангажира Андреј Митревски, кошаркарот кој беше одличен во дресот на македонската репрезентација во изминатите претквалификации. Митревски не го криеше задоволството од приемот во новата средина, но пред се – од фактот дека ќе има можност како член на Пелистер да игра квалитетни европски натпревари.
-Сакам да се заблагодарам на раководството што ми дадоа шанса да бидам дел од овој тим што ќе настапува на сериозно ниво во европската кошарка. Без разлика дали ќе влеземе во ЛШ или ќе играме во ФИБА Европа купот, ова е многу голем чекор како за македонските играчи во Пелистер, така и за сите во клубот. Ова треба да биде поттик и за остаатите македонски екипи да играат на ова ниво, за да видиме реално на кое ниво се наоѓа македонската кошарка. Верувам дека ќе добиеме многу искуство како тим од овие европски предизвици и целта ќе ни биде да стигнеме што подалеку…. Што се однесува до домашното првенство, знаеме дека битолчани сакаат кошарка, она што недостига е пехар, во последните години беше блиску до тој пехар, секако дека желба ни е да освоиме трофеј за клубот и за верните навивачи. Презадоволен сум и од условите за работа и од приемот во градот, од навивачите, од соиграчите, чувствувам многу позитивна енергија и се надевам дека тоа ќе не краси и во текот на целата сезона“, истакна Андреј Митревски на денешната прес-конференција.
Фото: Дамијана Ристевска






