Денес во Самоков, Бугарија во новата спортска сала “Сам Елион“ кошаркарите на Пелистер од Битола го играат натпреварот за квалификации во Лигата на Шампиони против екипата на Реџина од Италија. Кошаркарите се сместени во супер луксузниот хотел “Рила“ во ски-центарот Боровец заено со останатите 23 екипи од цела Европа.
Тренерот на Пелистер, Борче Даскаловски, по двата тренинзи денес не закажа тренинг, а кошаркарите ќе имаа само гледање на видео и договор за натпреварот. Даскаловски за престостојниот натпревар ни рече:
-Со огледна тоа што се наоѓаме во малку непријатна ситуација поради некомплетен ростер, односно поради субјективни причини сме само со еден висок играч во поле, нас ни преостанува едноставно да играме максимално борбено без оглед на тоа колку е квалитетен противникот, да го претставиме Пелистер и Битола во едно пристојно светло, а ќе повторам, за жал, колку ни дозволуваат околностите и приликите.
Искусниот Бобан Стајиќ е задоволен од тоа како помина подготвителниот период, а за натпреварот кој го очекуваат вели:
-Се подготвуваме подолго време за овој натпревар и знаеме дека не очекува тежок натпревар бидејќи противникот е екипа која што е пред се со висок буџет, со квалитетни странски засилувања, имаат во тимот и квалитетни домашни – италијански играчи, широка ротација. Но тоа не треба да не спречува да излеземе и да го дадеме максимумот, да уживаме во играта и одиме да имаме што поповолен резултат.
Лука Стојановски веќе е одомаќинет во Битола и е пример за младите кошаркари, а тој за престојниот натпревар кратко ни рече:
-Очекуваме доста тежок натпревар со сериозен противник како што е италијанската екипа. Наше е да покажеме како сме подготвени и за вакви сериозни натпревари. Хендикепот голем, ќе бидеме без високи кошаркари, а тоа треба да го надополнеме со вишок енергија и голема желба, а тоа треба да го видиме и на терен.
Директорот на Пелистер, Филип Ивановски, имаше деновиве полни раце работа, состаноци со врвот на европската кошарка, технички состаноци со организатор, а сето тоа да го пренесе на стручниот штаб.
-Самото тоа што го рековте дека овие три дена имам испратено стотина мејлови, одржано десетина состаноци кажува колку е ова натпреварување сериозно. Учеството на Пелистер како клуб на овие квалификации и играњето на кошаркарите на ваков сериозен турнир со силни европкски екипи, е голема промоција на клубот Пелистер и градот Битола. Да се биде во друштво со клубови како Реџина, ПАОК, Оридеја, Порто, Јувентус и останатите, кои на кошаркарскиот пазар вредат во бројки по неколку милиони евра е искуство плус за сите. Со нашата организација и тоа што немавме никаков проговор од техничкие лица, кои се високи претсватници на ФИБА оставивме одличен впечаток кај раковоството на Лигата на шампиони и организаторите на турнирот во Самоков, ни рече Ивановски.
Натпреварот започнува во 15,30 часот во Самоков.
Сашо Ристевски









