По скоро две децении, денеска во рударско енергетскиот комбинат “Битола“, вработените добија топол оброк. Од 2007/2008 година, кујната и ресторанот не се во употреба, а сега се целосно модернизирани и функционални според највисоки стандарди.
Новите раководства на ЕСМ “Молика“ и подружница РЕК “Битола“, веднаш по преземањето на функцијата, почнаа со изработка на основните проекти, градежните работи, елаборатите за греење и ладење,вентилација и климатизација, како и машински и електричните инсталации. Обезбедивме објект кој е техничко- технолошки изграден по сите ХАСАП стандарди за квалитетна подготовка и послужување на храна, кој во иднина ќе се надоградува.
Денеска објектот од подружница РЕК “Битола“, беше превземен од страна на ЕСМ “Молика“ на понатамошно управување. Во процесот на реализација, новото раководство на ЕСМ “Молика“ ДООЕЛ затекна опрема вредна 600,000 евра. Со реализација на низа подготвителни активности, опремата успешно се имплементира и стави во функција.
-Враќањето на топлиот оброк е од клучно значење за нашите вработени, кои се наш приоритет и движечка сила. Оваа мерка ќе придонесе за подобро здравје, поголема мотивација и зголемена продуктивност. Калоричната вредност на оброкот е по препорака на нутриционист, подготвен да ги задоволи потребите на работници во рудници и работници кои работат на тешки работни места. Храната на дневна основа, преку земени мостри се испитува од стручно лице за контрола и квалитет, рече директорот на хотел “Молика“, Горан Исков, кој додаде:
-Инаку, идејата за враќање на топлиот оброк беше често споменувана претходно. Ние иако се соочивме со бројни предизвици успевме да го вратиме топлиот оброк во РЕК. Пробниот период на опремата успешно заврши и ги добивме сите потребни дозволи од надлежните институции.
Дневно ќе се подготвуваат од 1.640 до 1.670 топли оброци за прва и втора смена, а третата смена ќе добива “сув онрок“. Целиот процес ќе се одвива во фази и бројот на топли оброци ќе се зголемува, после постепено достигнувањето на максималниот кадровски и производствен капацитет на новата опрема.
Вкупната инвестиција за реконструкција и модернизација на кујната и ресторанот изнесува околу 60 милиони денари и претставува прва фаза од поголем проект.
АД ЕСМ планира ваква реконструкција и на кујната и ресторанот лоцирани во производствената единица “Рудници“, при РЕК “Битола“.
Сашо Ристевски






