Press "Enter" to skip to content

ПЕЛО официјално стартуваше во Битола: Пелагонија обединета во создавање регионален Хаб за младите (фотогалерија)

Во присуство на над 150 претставници од бизнис секторот, граѓанските организации, деветте пелагониски општини и млади од целиот регион, во високотехнолошката печатница “М-Флекс“ во Битола беше означен почетокот на проектот „ПЕЛО – Од младинско зајакнување кон институционална сопственост“.Настанот започна со саем на 15 компании од регионот, кои пред посетителите ги претставија своите производи, услуги и програми за практикантство и вработување на млади.Претседателката на “Про Локал“, Емилија Ѓероска, истакна дека и покрај напорите на институциите, бизнис секторот и образовните структури, се уште постои голем јаз меѓу реалните потреби на младите и понудените можности.Таа ја претстави заедничката визија за Регионален Youth Hub – современ простор каде младите ќе стекнуваат вештини потребни за работните места на иднината (AI, IT, зелени и циркуларни компетенции), дизајнирани според реалните потреби на пазарот и компаниите во Пелагонија.-Нашата улога е да ги обединиме сите актери и да создадеме применливи и одржливи решенија за секој млад човек, без разлика дали живеат во урбана или во мала рурална општина, порача таа.Амбасадорката Узлем Џанел ја истакна континуираната поддршка од Холандија во регионот од 2021 година и ја поздрави енергијата, единството и локалната посветеност да се создадат реални резултати на терен.Државниот секретар за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, нагласи дека денешните млади се силни, јасни и одлучни во тоа што го посакуваат и дека институциите мора да ги слушнат и да ги преточат нивните потреби во политики што функционираат во реалноста.Заменик-министерот за економија и труд потсети дека значителен дел од Оперативниот план за вработување е наменет токму за младите – преку поддршка за претприемништво, субвенции и мерки за покренување сопствен бизнис.Претседателот на Регионалната стопанска комора, Мирко Велковски, посочи дека компаниите активно инвестираат, развиваат нови технологии и сакаат да создадат иднина во која младите ќе останат и ќе работат во својот регион.На панел-дискусијата, учесниците ги споделија напорите што ги преземаат во своите институции – од дуално образование, преку државни мерки за младинска поддршка, до создавање нови младински центри на локално ниво. Во тој контекст, Сабриу повтори дека државната цел е секоја општина да има функционален младински центар, а ПЕЛО со отворањето на седум центри во Пелагонија претставува силен придонес кон таа визија.Централен момент беше потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу “Про Локал“, сите девет општини и Регионалната стопанска комора – Битола, како симбол на заедничка волја да се создадат подобри услови за младите и да се задржи талентот во регионот.Проектот ПЕЛО, финансиран од Амбасадата на Кралството на Холандија и имплементиран од Про Локал во партнерство со општините и бизнис заедницата, претставува нова фаза на интегрирана регионална поддршка за младите – фаза во која сите сектори делат заедничка визија и работат на создавање силна, одржлива младинска инфраструктура и иднина во Пелагонија.

Фото: Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »