Тридневниот хакатон, што од денес до 26 ноември 2025 г. се одржува во организација на УКЛО Битола како дел од КОЛОРС Алијансата, обединува знаење и партнерствата со цел младите, преку мултидисциплинарен пристап, да работат на актуелни општествени и еколошки предизвици и да креираат идеи за нивно решавање.
-Хакатонот е прв од таков вид кај нас, планираме да продолжи и во иднина, дури и повеќе пати годишно. Станува збор за регуларен концепт на хакатон, но збогатен со нешто ново што Алијансата го воведува – концептот на тројна транзиција: социоекономска, зелена и дигитална. Ова е особено важно и го прави нашиот хакатон различен од другите. Обично на хакатоните се создаваат решенија фокусирани само од еден аспект – технички, менаџерски или друг, изјави академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска и додаде:
Но, реалниот свет е многу покомплексен од една дисциплина. Па затоа Алијансата се потпира на нашето поглавје кое ја воведе тројната транзиција во целата структура, а од оваа година и студентските хакатони што се организираат кај партнерите, како и нашиот, се базираат токму врз таа најмалку тројна перспектива. Тоа значи дека сите решенија треба да опфатат социоекономски, дигитални и зелени, еколошки аспекти. Решенијата понатаму ќе влезат во пракса и ќе може да се мери нивната успешност.
Раководителката на колаборативниот простор, професорката Мимоза Богданоска Јовановска посочува дека – бројот на учесници е навистина импресивен, има околу 50 пријавени ученици и студенти, има и гостин од странство – студент од Универзитетот Кристијанштад во Шведска, дел од алијансата КОЛОРС. Според неа, учесниците ќе работат на три главни идеи, кои произлегуваат од повикот и се резултат на активностите што се реализирани претходно, преку колабораториуми на две теми: храна и отпад од храна и заштеда и обновливи извори на енергија и третиот, минатогодишен колабораториум, посветен на социјалната инклузија.
Според професорката Јовановска, ваквите хакатони имаат повеќеслојна димензија – тимска работа, креирање иновативни решенија за конкретни предизвици, но и силна едукативна компонента. Во тој дел предвидени се пленарни активности, меѓу кои и презентирање на предизвиците од страна на експерти од соодветните области. Тие ќе им ја доближат на учесниците суштината на проблемите во заедницата и ќе постават поширока рамка за развивање на идеи. Друг важен сегмент е присуството на успешникоорганизатори и коосновачи на стартапи кои пред учесниците ќе ги споделат своите патишта – од креирање идеја на вакви хакатони, до нејзина реализација како бизнис.
Изработките ќе ги оценува седумчлено жири. Предвидени се и награди. За студентите на Универзитетот – наградата е во форма на патување до некој од европските универзитети, за да видат како нивните колеги во Европа креираат идеи и учествуваат на хакатони. За средношколците, се предвидени материјални подароци и корисни предмети. Се надеваме дека еден ден, кога тие средношколци ќе станат наши студенти, ќе имаат можност и самите да учествуваат на хакатон и да освојат патување каде што ќе видат како нивните европски колеги студираат и работат.
Што велат учесниците:
Бојан Трајковски – Јас сум учесник на студентскиот УКЛО КОЛОРС хакатонот, а претходно учествував и на хакатон организиран во Падерборн, Германија, членки на алијансата КОЛОРС. Мојот тим беше фокусиран на социјалната инклузија и предложивме решенија што би ги поттикнале младите да бидат поактивни. На овој хакатон планираме да понудиме нови идеи и очекуваме одлично искуство. Ме прашавте и за споредба меѓу студентите од другите држави. Доаѓаме со различни образовни системи и начини на размислување, но на крајот сите се сплотивме и функциониравме како еден тим. Тоа беше навистина прекрасно искуство.
Јас сум Хенрик од Шведска и го претставувам Универзитетот Кристијанстанд. Многу ми е драго што сум овде. Се запознав со Ирена и Душица на хакатонот во Шведска, организиран од КОЛОРС Алијансата, тие ме поканија да дојдам во Македонија. Навистина се радувам на ова искуство. Сите што ги сретнав беа многу љубезни и гостопримливи, а Македонија е прекрасна земја со богата природа. Од овој хакатон очекувам да научам повеќе за вашата култура, да размениме идеи и заедно да се справиме со предизвиците. Сакам да создадам нови пријателства и силни врски – со учесниците, но и со Македонија. И, секако, очекувам да се забавуваме.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски посочи дека хибридниот настан е еден од првите видливи резултати за јавноста од КОЛОРС Алијансата, во кој студентите од УКЛО со нивни колеги од другите партнерски универзитети од Алијансата во еден компетитивен натпревар ќе создаваат креативни и иновативни софтверски решенија поврзани со тројната транзиција. Најдобрите решенија ќе добијат парична награда и ќе продолжат да се развиваат со наши професори- ментори и подоцна да се понудат како бесплатни алатки кои би придонесле за транзицијата што не очекува.
Хакатонот започна во CoSpace OFFICE на УКЛО КОЛОРС сместен во Студентскиот Информативен Центар и продолжува со реализација на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола.
Елизабета Атанасоска






