Press "Enter" to skip to content

Вторник по 62. пат избор на спортист на Битола, вечерва изложба на спортски фотографии

Општинскиот сојуз на спортови и Општина Битола по 62-ри пат ја организираат манифестацијата Избор на најдобрите спортисти и екипи на Битола за 2025 година. Повод за тоа беше денешната прес конференција. Годинашното мото на манифестацијата е „Верувај во себе, направи шампион“.

Претседателот на Сојузот на спортови Сашко Павловски рече дека подготовките се во завршна фаза, очекуваат и гости од неколку федерации од Македонија и гости од Министерството за спорт.

-По категории ќе бидат избрани 10 најдобри спортисти, потоа најдобри сениорски, младински екипи и најдобри младинци. Имаше над 130 предлози за оваа година за избор на спортист. Навистина зад нас имаме многу успешна година во спортот во градот и бевме пред
тешка одлука да ги определиме најдобрите, рече Павловски.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кажа дека како Општина, спортот во Битола ја имал, ја има и ќе ја има поддршката на оваа локална самоуправа.

-Нашата задача е да се грижиме и да инвестираме во спортот, и тоа го правиме. Како Општина Битола продолживме и продолжуваме да вложуваме во спортската инфраструктура, професионалниот и училишниот спорт. Секаде со големи букви е запишано и докажано дека Битола е најспортскиот град во Македонија, вели Коњановски.

Манифестацијата ќе се одржи вторник на 17 февруари со почеток во 19:00 часот во Народниот театар Битола, а вечерва од 18:00 часот и изложба на спортска фотографија во фоајето на Народниот театар од четворица автори.