Завршниот турнир од Купот на Македонија започнува од денеска и се до недела ќе се одржува во Куманово, а денес Пелистер од Битола за ривал во четвртфиналето ќе го има токму домашниот тим. Денешниот четвртфинален маратон почнува точно од пладне, а мечот на „пелистерци“ со Куманово е „шлаг на програмата“ и ќе стартува со почеток во 19.30 часот.
Противникот барем на хартија, поради домашниот терен ќе ја има фаворитската улога, но Пелистер сезонава веќе покажа дека знае како се победува во Куманово, во првиот круг од Супер-лигата.
Згора на тоа, „зелено-белите“ се наоѓаат во топ-форма, играат беспрекорен напад и имаат четири победи во низа од стартот на годинава, серија од Супер-лигата што ќе се обидат да ја продолжат и во куп-натпреварувањето.
-Ни следи сигурно највозбудливиот викенд оваа сезона. Купот е натпреварување кое носи посебна енергија, каде несекогаш победува подобриот, туку екипата која во даден момент е во подобра форма. Она што радува е што нашата форма во пресрет на овој куп-турнир се движеше во нагорна линија, што ни дава самодоверба во пресрет на утрешниот натпревар. Еднаш веќе славевме во Куманово, тоа беше меч во кој имавме негатива на полувреме, се надевам дека овојпат ќе ја наметнеме нашата игра од самиот почеток и ќе знаеме како да го исконтролираме резултатот. Противникот е искусен, знае како да ги казнува грешките на своите ривали, клучно ќе биде да го затвориме рекетот и да го исконтролираме скокот, ако го сториме тоа можеме да го направиме првиот чекор кон исполнување на желбата – да бидеме во Куманово до недела, истакнува Бобан Стајиќ, одличниот плејмејкер кој е вистински лидер на „пелистерци“ во првите натпревари и победи во оваа 2026 година.










