Од 14 до 16 ноември, во Загорје во Словенија, се одржа 39. по ред Европски куп “Slovenia Open“, на кој учествуваа 8 држави со 95 клубови, со над 500 натпреварувачи со 711 влезови.
Единствен претставник од нашата држава беше кик боксерката Леа Бошевска, од кик бокс клубот Самурај од Битола, која настапи во две дисциплини во лајт контакт и кик лајт.
Бошевска во лајт контакт освои сребрен медал, а веднаш потоа во дисциплината кик лајт – до 50 килограми во сениорска конкуренција, најпрво ја победи домаќинката од Словенија, за во финале да ја совлада и натпреварувачката од Унгарија.
-Леа имаше вкупно три борби, во кои убедливо доминираше, со што ја подигна целата публика во преполната спортска сала, при што освои златен медал и пехар за Македонија, рекоа тренерите на Самурај, Тони Бошевски и Гордана Цветковска Бошевска, презадоволни од подготвеноста и натпреварувачката форма на Леа.
-Нема застанување, бидејќи не чека Балкански куп во Ниш од 12 до 14 декември, каде Кик бокс клубот Самурај ќе настапи со поголем број на натпреварувачи, вели Леа Бошевска, која е една од најдобрите кик боксерки во Македонија во сениорска конкуренција.






