Пелистер од Битола ќе стори се за серијата успешни игри во 2026 година (седум победи и еден пораз на последните осум суперлигашки средби) да ја продолжи и на денешното гостување против ТФТ (19 часот, сала „Градски Парк“ во Скопје).
-Актуелниот вицешампион ни е должник поради поразот во Битола во првиот дел од сезоната, резултат за кој тренерот Даскаловски и неговите избраници се решени да сторат се за да се реваншираат и да ги израмнат сметките во пресрет на плејоф доигрувањето, порачуваат од КК Пелистер.
„Зелено-белите“ се свесни за квалитетот на противникот, чија главна одлика е брзината во нападот, но Пелистер мора да инсистира на наметнување на сопственото темпо – со дисциплиниран напад и агресивна одбрана да се стигне до посакуваниот исход.
Многу работи во играта на Пелистер зависат од Бобан Стајиќ, искусниот плејмејкер кој е свесен за тежината на предизвикот, но и верува во добра игра на „зелено-белите“ на овој дерби дуел.
-Пред нас е тешко гостување во скопје, ТФТ ја има фаворитката улога бидејќи игра одлично во ткот на целата сезона. Наша предност сигурно е во тоа што влегуваме посвежи и поодморени во овој натпревар. Клучно ќе биде да го наметнеме нашето темпо на игра и да го лимитираме бројот на загубени топки, бидејќи транзицијата е најсилното оружје на ТФТ. Верувам дека можеме до победа, но за тоа да се случи треба да одиграме квалитетна и цврста одбрана и да имаме добра реализација во нападот, истакнува Стајиќ.











